Отворен повик за учество во работилница за креативен документарен филм ACTive #3

Филмскиот фестивал Право Људски од Сараево и Филмскиот фестивал Докуфест од Призрен, во соработка со филмската и видео програма на Музејот на современата уметност – Скопје, Филмскиот центар на Црна Гора и Андерхил филм фестивалот, преку поддршката на Националниот Фонд за Демократија од Вашингтон (NED), објавија повик за третата регионална лабораторија на креативен документарен филм ACTive #3.

„Ги повикуваме сите млади креативци, уметници и режисери да се пријават и да бидат дел од процесот на учење, промислување и создавање на еден колаборативен креативен документарен или експериментален филм. Почнувајќи од фасцинацијата и инспирацијата од животот, како и идејата за неговата органска и извонредна естетика отелотворена во приказните кои тој секој ден ги создава, лабораторијата ACTive #3 цели кон творечко поврзување на младите уметници, автори и авторки од регионот, и посебно од Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија. Преку разновидната и богата експериментална образовна програма, лабот нуди можност за развој на креативни, теоретски и занаетчиски алатки и вештини кои приказните од сопственото опкружување ги транспонираат во уметнички дела, во креативен документарен и експериментален филм” изјави Кумјана Новакова, кураторка на филмската и видео програма на Музејот на современата уметност – Скопје.

Поради големиот интерес, партнерите кои стојат позади оваа неформална образовна платформа го продолжија рокот за аплицирање до 22 март.

После процесот на селекција, во периодот од 01-12 април, 16 млади филмски ентузијасти помеѓу 18 и 25 години, кои се во можност да комуницираат на англиски јазик, ќе имаат можност да учествуваат во интензивната и разновидна едукативна програма која ќе се одржи во Музејот на современата уметност, руралните делови на Црна Гора, како и во Подгорица. Образовниот процес ќе го водат меѓународно реномирани филмски автори и авторки од Франција, Шпанија, Македонија, Косово, БиХ и Црна Гора, а трошоците за учество, вклучително патување, храна и сместување, како и сите трошоци за продукција ги покриваат организаторите.

Повеќе информации можете да најдете на http://pravoljudski.org/http://dokufest.com/, како и на социјалните мрежи на @CreativeDocACTive.