Отворен повик за учество на вебинар за „Основи на онлајн медиумска писменост“

Фондацијата Метаморфозис организира вебинар на тема „Основи на онлајн медиумска писменост“ кој ќе се одржи на платформата Cisco WebEx, на 5 февруари, 2021 година, во 12:00 часот.

На овој вебинар, во најголем дел преку примери и интерактивен пристап, ќе се учи за:

  • Кои се основните поими врзани со медиумската писменост
  • Како да препознаете дезинформации и пропаганда
  • Како критички да анализирате информации
  • Како да консумирате интернет содржини паметно и одговорно

Вебинарот ќе го води Ана Андреева, комуникациски експерт со 20 годишно искуство во областите интегрирани стратешки комуникации и планирање, развој и позиционирање на бренд, бренд менаџмент, менаџмент на кампањи и настани, односи со јавност и медиуми.

Во моментов таа е координаторка за комуникации во Фондацијата Отворено општество – Македонија и е одговорна за развој и имплементација на комуникациската стратегија на фондацијата, развој и имплементација на кампањи, креирање содржини за комуникациските канали на ФООМ и за односи со јавност и медиуми.

Вебинарот е наменет за студенти, средношколци и сите оние кои сакаат да се стекнат со основни знаења и вештини кои ќе им се потребни во секојдневието при консумирање различни содржини, особено содржини на интернет.

За информации врзани со вебинарот следете го линкот.

Работен јазик на вебинарот е македонски.