Отворен повик за работилница за деца за модернистичка архитектура

„Плоштад Слобода“ објавува отворен повик за учество во работилница за деца посветена на модернистичката архитектура на Скопје, „Град за сите: Модерна за деца 2“, поддржана од програмата за култура на Град Скопје.

„Преку својата креативност, по посетите на одредени објекти, учесниците ќе се посветат на создавање на нивни ликовни и фотографски дела“, соопштуваат од „Плоштад Слобода“.

Со учество во овој проект, велат тие, учесниците ќе можат меѓусебно да споделуваат знаења и да ги надоградат своите аналитички и уметнички вештини преку индивидуалното и колективно изразување.

Работилниците ќе бидат водени од Наташа Вчкова (архитектура и фотографија), Стефан Видиков (дигитална фотографија), Никола Ѓорѓиевски (архитектура/урбанизам), Доротеј Нешовски (ликовно творештво) и Гала Насева (аналогна фотографија). Материјалите, како и опремата за фотографија (дигитална и аналогна) ќе бидат обезбедени од тимот на „Плоштад Слобода“.

Инаку, работилницата е наменета за деца на возраст помеѓу 8 и 12 години. Ќе се одвива време на викенд, три викенди по ред, по три часа – на 6 и 7, 13 и 14 и 20 и 21 април.

Работилницата опфаќа едукативни прошетки и посети на различни локации низ Скопје (МСУ, ФЛУ, МОБ, УКИМ и др.), но и ликовна работилница и работилница за аналогна и дигитална фотографија.

Изложбата на делата од учесниците ќе се одржи на Архитектонскиот факултет и ќе се публикува на издание каталогизирано и достапно во НУБ Св. „Климент Охридски“.