Отворен повик за нови членови во дебатните клубови на МОФ

Младинскиот образовен форум објави отворен повик за пријавување нови членови во дебатните клубови на МОФ. Повикот е отворен за средношколци и студенти.

Во дебатниот формат „World Schools“ оваа година ќе функционираат пет почетнички клубови во МОФ во Скопје, како и 12 клубови низ Македонија: Велес, Тетово, Гостивар, Битола, Штип, Куманово, Струга, Дебар, Кратово, Неготино, Кичево и Прилеп.

Програмата се состои од дебатни предавања и средби кои се организираат еднаш неделно, за време на викендите. Стекнатите вештини за дебатирање и аргументирано изразување новите дебатери ќе можат да ги покажат во месец декември, кога ќе се одржи Националното дебатно првенство за почетници.

Освен почетните, како што информираат од МОФ, со дебатни предавања продолжуваат и напредните клубови во Тетово, Штип, Неготино и Скопје.

Онлајн регрутацијата е во тек, а од идната недела почнува формирањето на новите клубови. На ова му претходеше обуката на нови дебатни тренери и судии кои ќе учествуваат во спроведувањето на дебатните предавања, спроведена кон средината на септември.

Освен средношколската дебатна програма со предавања ќе започнат и студентските дебатни клубови кои ќе дебатираат во форматот – „British Parliamentary Debate“.

Сите заинтересирани средношколци можат да се пријават на mof.mk/srednoskolci-debateri-2015 , додека заинтересираните студенти можат да аплицираат на mof.mk/studenti-debateri-2015.