Отворен повик за „Неименувана“ – работилница за креативно пишување со млади

„Чујте и почујте! Волшебното царство на бајките од цел свет, мимовите, активизмот и не-толку-познатата македонска, женска историја е отворено“, велат од „Duma in summa“, кои го отворија повикот за учество во „Неименувана“ – работилница за креативно пишување со млади.

Петдневната работилница ќе се одржи на 16, 17, 18, 22 и 23 јануари, а наменета е за млади од 15 до 19 години.

Локацијата на работилницата е во дворецот „Лабораториум“, а од „Duma in suma“ велат дека наместо гласник, праќаат формулар до млади кои сакаат да се пријават на работилницата под менторство на компаратистките Ивана Смилевска и Марија Бошковска.

„Ако правиш пиши-бриши, кликаш и сликаш, пишуваш и си главна/главен со мимови во чет-групите, оваа работилница ќе ги прошири твоите знаења за новите дигитални комуникации, а воедно ќе те запознае со потеклото и варијантите на бајките кои се развивале и прилагодувале низ различни времиња и култури“, се вели во повикот.

Од неформалното здружение за култура истакнуваат дека на работилницата ќе се анализира поврзаноста меѓу Заспаната убавица и Цепенков, потеклото на Пепелашка, а ќе може да се слушнат и историите на македонски хероини кои со својот пркос придонеле кон едукативен, ослободителен и емпатичен развој во локален контекст.

Оттаму додаваат дека низ петте денови на работилницата ќе се буричка низ литературната светска и домашна историја и низ ќошињата на интернетот, барајќи ги сличностите и различностите на женското искуство преку фолклорните приказни и неименуваните автор(к)и на мимови и интернет содржина.

„Во тоа ќе ни помогне и нашата гостинка менторка од Босна и Херцеговина – Хана Чурак, администраторката на феминистичката платформа „Sve su to vjeshticе“, со која ќе одржиме онлајн предавање и ќе направиме и по некој мим, bona“, велат од „Duma in summa“.

Знаењата и думите собрани на работилницата ќе бидат сумирани во креативна пракса и авторски текстови, па дојди и раскажи ни го твоето „Си било еднаш…“. Авторските текстови ќе бидат „извезени“ на текстуални инсталации во склоп на активистичка акција-атракција.

Инаку, ова е трета работилница за креативно пишување на „Duma in summa“. За визуелниот дизајн е задолжен Дарко Алексовски.

Овој проект е поддржан од Министерството за надворешни работи на Германија и имплементиран од РИКО.