Отворен повик: Младинска програма за онлајн активизам

Здружението за едукативен развој – „ЕКВАЛИС“ во соработка со ПИНА- Платформа за истражувачко новинарство и анализи отвораат повик за учесници на младинската програма за онлајн активизам.

Програмата е отворена за млади од 15 до 30 години од територијата на Град Скопје.

Според организациите, целта на оваа програма е да им понуди на младите заинтересирани за активистичко дејствување алатки за артикулирање на нивните гласови во онлајн просторот. Да ги запознае младите со тоа како функционираат медиумите, а особено социјалните медиуми, како и да развие критички пристап кон медиумските пораки и информации со коишто младите се сретнуваат дневно.

„Доколку постои проблем во вашето училиште, населба, заедница или пошироко во државата и мислите дека е неисправен, дека малку се зборува за таа тема и дека гласот на младите е недоволно претставен во тоа поле- тогаш оваа програма е за вас. Секој што поседува паметен телефон и пристап до интернет денеска е креатор и испраќач на информации- но преку оваа програма се стремиме да креираме медиумски описменети и свесни млади коишто преку медиумите ќе проговорат за темите коишто директно ги засегаат и коишто ја познаваат одговорноста што ја носат со испраќањето на медиумски производи“, се вели во повикот.

Програмата ќе се одвива во две фази преку коишто учесниците ќе работат со искусни обучувачи, говорници и предавачи со големо професионално искуство во медиумите и граѓанскиот сектор.

Меѓу говорниците ќе бидат и Ивана Смилевска и Мартин Колоски од Радио МОФ, кои со учесниците ќе имаат неформален разговор на тема „Младинските интереси и потреби во онлајн просторот“.

Исто така, во програмата работилница ќе држат и Ангел Димитриевски од „ЕКВАЛИС“, Кристина Озимец од ПИНА и Рита Бехадини од Мрежа на млади новинари.

Во втората фаза на програмата учесниците ќе треба практично да ги осознаат потенцијалите на онлајн медиумите за актуелизирање на теми од важност на младите.

Според организаторите, во рок од 6 недели учесниците од програмата ќе ја зајакнат нивната општествена улога како промотори на теми коишто се од интерес на младите во контакт со други млади луѓе, експерти од областа, претставници на институции, медиуми или други мапирани важни актери од нивна страна.

Заинтересираните учесници потребно е да го пополнат апликацискиот формулар достапен на следниот линк.

Учесниците може да аплицираат најдоцна до 15 март до 23:59 часот.

„Препорачуваме да аплицирате на оваа програма само доколку во целост може да ги следите сите делови од двете фази на програмата“, стои во повикот.

Повеќе за програмата и обучувачите ТУКА.