Отворен нов Центар за кариера во средното училиште „Здравко Цветковски“

Во средното училиште „Здравко Цветковски“ денеска беше отворен Центар за кариера, кој е 36-ти во Македонија и 11-ти во Скопје, и е дел од петгодишниот проект на УСАИД „Младинска мрежа за стекнување вештини за вработување“ кој почна да се спроведува во 2010 година.

Фото: А1 он

Центрите за кариера треба да им помогнат на учениците професионално да се определат според своите интереси и вештини и да им овоможат полесен пристап до пазарот на трудот преку контакти со работодавачи и компании.

Директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија, Џејмс Стејн на отварањето на центарот рече дека кариерните центри помагаат во намалувањето на стапката на невработеност на младите, бидејќи во проектот што го реализира, УСАИД соработува со средните стручни училишта, Агенцијата за вработување и со економските совети во општините низ државата.

„Центарот за кариера кој го отвораме денеска е место каде што младите луѓе кои бараат работа може да ги пронајдат ресурсите што им се потребни за да ги истражат своите интереси, способности и кариерни можности, кои се достапни на денешниот пазар на трудот… Проектот на УСАИД не го обезбеди само мебелот, опремата и материјалите за учење во овој центар. Тоа што е уште позначајно се луѓето мотивирани да им помогнат на другите и кои имаат соодветни вештини да им помогнат на тие кои бараат работа“, рече Стејн.

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски рече дека на многу ученици треба да им се помогне во изборот, зашто на нивна возраст е карактеристична колебливоста во донесувањето одлуки.

„Афинитетите кон одредено занимање мора да бидат откриени во текот на школувањето заради навремено и правилно насочување на секој ученик и избор на струка во која најдобро ќе го искористи својот потенцијал“, додаде тој.

На отворањето на кариерниот центар во СУГС „Здравко Цветковски“, што се совпадна и со патронатот на училиштето, им беа доделени сертификати на наставници од 11 училишта за завршена обука за Програмата за подготвување и работа.