Отворен најголемиот паркинг за велосипеди во Холандија

Во државата со повеќе велосипеди од луѓе, наоѓањето простор за паркирање на велосипед може да биде проблем. Холандскиот град Утрехт го решава овој проблем во рамките на железничката станица, со отворање на најголемиот паркинг за велосипеди во светот, објави Гардијан.

Бетонско-стаклената структура се простира на три ката и овозможува простор за 12.500 велосипеди.

Ова претставува дел од стратегијата во која стотици милиони евра се лоцираат на зајакнување на велосипедската инфраструктура низ Холандија.

„Се обидуваме да бидеме рај за велосипедистите, но има уште многу за правење. Би сакала подобро да го искористиме, тоа што јас го нарекувам тајното оружје против застојот, слабиот квалитет на воздухот во градовите и климатските промени, а исто така е добро за вашето здравје и паричник. Ако сакате да ги извадите луѓето од автомобилите, треба да бидеме сигурни дека користењето на јавниот транспорт е лесно и удобно“, вели министерката за инфраструктура Стинтје фан Фелдхофен.

Според холандскиот Завод за статистика, 60% од сите патувања се направени со автомобил, а само една четвртина со велосипед, иако во Амстердам, Ротердам, Хаг и Утрехт, користењето велосипед е позачестено.

Побарувачката за јавниот превоз расте, четирите главни градови се предвидува да се прошируваат, а Холандија се труди да ги исполни своите заложби за климатската криза, така што, охрабрувањето за поголема употреба на велосипедите е политички приоритет.

„Во следните 10 години, 500.000 луѓе ќе дојдат во урбанизираниот дел, и ако сите тие луѓе дојдат со своите автомобили, тогаш ќе имаме огромни застои. Затоа, инвестирањето во јавниот транспорт, велосипедски патеки и паркиралишта за велосипеди се клучни за да се задржи оваа област, која е неопходна за да се движи државната економија“, вели Фелдховен.

Утрехт го промовира велосипедизмот како дел од политиката за „здраво урбано живеење“.

„Ние сметаме на велосипедизмот како начин за здрава и одржлива форма на транспорт за растечкиот град. Возењето велосипед е во гените на луѓето од Утрехт, каде во 1885 година е изградена првата велосипедска патека во Холандија. Секој ден, 125.000 велосипедисти поминуваат низз центарот на градот за да стигнат на работа, на училиште, на железничката станица, а најголемиот паркинг за велосипеди во светот совршено се вклопува“, вели заменик-градоначалникот Виктор Еверхард.