Отворен Македонскиот павилјон на уметноста во Венеција со проектот „Пејзажно искуство“

Во објектот „Скуола деи Ланери“ вчера во Венеција на 59. издание на Венециското биенале за ликовна уметност свечено беше презентиран проектот „Пејзажно искуство“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, информира Министерството за култура.

Директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими во своето обраќање истакна дека овој проект претставува осмо учество на Националната галерија како официјален организатор од земјава на Биеналето во Венеција. Дополнително, таа посочи дека тоа претставува гордост, но и одговорност и константен предизвик за презентациите на македонските автори.

„Овие податоци говорат за основната визија што ја реализира Националната галерија, а се однесува, пред сѐ, на презентација на квалитетни авторски остварувања на реномирани македонски уметници кои ја претставуваат нашата земја на ова најпрестижно светско биенале на визуелните уметности. Преку успешноста на овие претставувања, кои на авторите им донесоа нови можности за меѓународна соработка, се потврдува и местото на Националната галерија како една од водечките институции во земјава во областа на визуелните уметности“, рече Старова-Ќерими.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на претставувањето на проектот посочи дека ова е свето место за уметниците, односно, додаде „како што самите тие го нарекуваат, всушност е огледало на нашата дрскост еднаква на плиткоумен заговор против сопствениот дом“.

Исто така, таа рече дека проектот не е бегство од реалноста, туку напротив.

„Толку е реално што за миг ви доаѓа да побегнете. Но, бидејќи љубителите на уметноста секогаш одат во спротивна насока, драго ми е што сме на вистинското место, но во едно неизвесно време. Шлемови, арсен, пеливани…..војни, еколошки катастрофи и таа вечна борба меѓу доброто и злото. Можеби доволна асоцијација на Украина, на Ковид-19, на опстанок. Дали сме подготвени за ова патување низ уметноста? Ако одговорот е ДА, да тргнеме веднаш!“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Куратори на проектот се Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија и Сања Којиќ Младенов, кустос советник во Музејот на современа уметност во Нови Сад и кустос на проектот „Евровизија“ во Одделението за визуелна уметност на ИФА Штутгарт.

Педесет и деветтото издание на Венециското биенале на уметноста се одржува од 23 април до 27 ноември, а куратор е Сесилија Алемани.