Отворен конкурсот за годишната стрип награда „Лифт“

Издавачката куќа „Темплум“ оваа година по трет пат го распишува конкурсот за наградата „Лифт“, за македонски стрип.

Конкурсот, кој се отвора еднаш во годината го носи името на македонското списание за стрип „Лифт“, кое излегувало од 1996 до 2001 година, а денес е име на угледната графичка едиција.

Конкурсот ќе биде отворен до 31 декември, 2020 година, а право на учество имаат сите граѓани на С. Македонија кои ќе испратат сопствени, досега необјавувани авторски стрипови, до 16 табли (или страници).

Стриповите може да се испратат скенирани, на електронската пошта stripnagradalift@gmail.com.

Победничката наградата изнесува 500 евра во книги и стрипови, од изданијата „Темплум“ и „Бункер“. Предвидени се уште и три награди од 250, 150 и 100 евра. Најдобро оцененетите автор(к)и за таа сума ќе добијат изданија, по сопствен избор, на книгоиздателството „Темплум“ и на издавачот на стрипови „Бункер“.

Доделувањето на наградата ќе се случи во јануари 2021 година, а организаторите посочуваат на организирање на изложба и печатење на најдобро оценетите дела.

„Целта на наградата е да ги промовира и афирмира овдешните стрип автор(к)и, но и да го унапредува стрипот како (кај нас запоставен) медиум. Втора важна цел е да придонесеме за развојот на македонската културна сцена и во поширока смисла, промовирајќи нови креативни актери, нови културни настани, поинакви пристапи и стилови на полето на културата – со што сакаме да придонесеме за плурализацијата и шаренилото на овдешниот недоволно развиен културен простор“, велат организаторите.

Жирито на наградата „Лифт“ е во состав на Никола Гелевски, Јана Јакимовска, Ласко Џуровски и Владимир Битољану.