Отворен факултет за диџејство во Србија

По студиите за естрадни менаџери и стилисти, идните српски бруцоши во понудата имаат уште една опција – да станат дипломирани диџеи.

Приватниот универзитет „Мегатренд“ во Белград ќе запишува генерации студенти кои ќе се едуцираат за пуштање електронска музика во ноќни клубови. Од Комисијата за акредитација, која до неодамна беше одговорна за акредитација на студиските програми, велат дека не знаат ништо за оваа програма, информации немаат ни во Националното тело за акредицатија. Програмата за диџеи не е акредитирана, но ректорот на „Мегатренд“ Миќа Јовановиќ тврди дека не треба да добиваат нова акредитација.

Тој за српските медиуми објаснува дека „диџејството“ ќе биде нов модул во насоката за односи со јавноста на Факултетот за култура и медиуми. Првите две години ќе бидат општи, со теми за комуникологија, а во третата и четвртата година ќе има осум стручни предмети.

„Во светот постојат факултети за популарна музика, но за академско образование за диџеи, ние сме први во светот“, тврди Миќа Јовановиќ.

„Покрај домашните предавачи, ние сме во преговори со светските ѕвезди Дејвид Гета и Боб Синклер. Нашата авиокомпанија го транспортира Синклер три години, па дури и еден од нашите авиони е брендиран со негово име“, додава тој.

Иако факултетот не е акредитиран во областа на музиката, Јовановиќ тврди дека не му треба нова акредитација, па затоа не поднел барање. Тој објаснува како програмата е изменета за 20 отсто, и дека за ова факултетот не треба да биде доакредитиран или реакредититиран, бидејќи веќе ги има сите потребни одобренија.

Од Комисијата за акредитација велат дека таков модул не може да постои ако факултетот не биде доакредитиран, и дека законот не предвидува процент до кој студиската програма може да се промени без дополнителна акредитација.

Според Софија Пекиќ, член на Комисијата за акредитација и одборот на Европската асоцијација за обезбедување квалитет во високото образование, какви било значајни промени во студиската програма мора да бидат потврдени со доакредитација или нова акредитација.

„Без нова акредитација, на факултетите им е дозволено само мали промени, на пример, ако наставникот се повлекува, и го замени со друг, или ако некој предмет е преместен од еден семестар во друг“, вели таа.

„Ако се воведе нов предмет, па дури и ако не е од основната научна област, неопходна е согласност од Комисијата за акредитација“, додава таа.

Пекиќ вели дека не знае ништо за новата студиска програма на „Мегатренд”. Информациите за школата за диџејство нема ниту во новоформираното Национално тело за акредитација.

Во меѓувреме, универзитетот се фали дека идните студенти ќе се запознаат со современата музика, сценските перформанси, музичката продукција, миксување на музика, техниките и технологијата кои им се потребни на диџеите.

„За време на уписот тие ќе полагаат тест за познавање на современата музика, а покрај бруцоши, ќе може да се запишат и оние кои ја завршиле втората година на студии“, појасни Јовановиќ.