Отворен е меѓународниот стрип конкурс „Велес 2015“

Во склоп на Меѓународниот Салон на стрип, Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес го објави традиционалниот меѓународен конкурс „Велес 2015“.

Рокот за поднесување на стрип-делата е 15 септември 2015 година, а право на учество имаат сите автори од цел свет, без разлика на полот и возраста. Должината на стрипот треба да биде од една до шест табли, и тоа на А4 формат, (мин.300дпи ако се испраќа по електронски пат). Доколку стрипот е на една страна, треба да биде со најмалку 5 сликички.

Доколку стрипот е во боја, препорачливо е да се испрати преку пошта или да се достави лично.

Tемата на стрипот е слободна. Секој автор може да учествува со само еден стрип; Исклучок има за сценаристите, кај кои се дозволува едно лице да направи сценарио за повеќе стрипови.

Пристигнатите стрипови ќе бидат разгледани од тричлена меѓународна комисија, којашто ќе направи избор и ќе ги предложи наградите.