Отворен дневниот центар „Гнездо“ за деца и семејства во социјален ризик 

Граѓанската организација Новинари за човекови права на 15 мај го отвори дневниот центар „Гнездо“ за деца и семејства во социјален ризик. Оттаму велат дека ова е прв центар од ваков тип во Македонија, кој ќе функционира како безбеден и поддржувачки простор за најранливите категории граѓани, нудејќи психо-социјална помош, неформална едукација со посебен акцент на деца и млади, правно советување и дневна грижа.

На отворањето зборуваше Државниот секретар при Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу, аташето на Сојузното министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија, Харалд Бреза Фугер, в.д. директорот на Меѓуопштински центар за социјални работи на Град Скопје Хамза Амети, координаторката на проектот Андреа Накова од Новинари за човекови права, Наташа Доковска – програмска директорка на Новинари за човекови права и Анита Пинтер од „ЕКПАТ“ Австрија.

„Наша цел е да создадеме безбедно место, поддршка и систем на помош за целата заедница, особено за децата и семејствата во ризик. Во рамки на ‘Гнездо’ ќе функционира дневна градинка за 16 деца од предучилишна возраст, две менторски групи за вкупно 28 ученици од основно училиште, како и психосоцијална поддршка за млади и семејства преку тим од стручни лица – социјален работник, психолог и специјален едукатор“, раскажа Андреа Накова од Новинари за човекови права.

Таа се заблагодари на Центарот за социјални работи на Град Скопје што ги отстапи просториите за центарот, но и до ЕВН, и сите компании кои несебично ја поддржаа оваа иницијатива – „Силбо“, „Жито Леб“, „Европа“, „Swisslion“, „Винарија Брзанов“ и „Knauf“, до тимот на Новинари за човекови права, сите волонтери, надворешни соработници и експерти – без кои ова „гнездо“ немаше да ја добие посакуваната топлина.

Се одржа и добротворна аукција, за да се обезбедат дополнителни средства за функционирањето на центарот, а настанот беше збогатен и со музичка програма со детска придружба.

„Овој Центар не претставува само инфраструктурен објект. Тој претставува симбол на солидарност, човечност и вистинска грижа за секое дете и секое семејство во нашата заедница. Тука ќе се обезбедува психосоцијална, образовна, правна и практична помош и поддршка. Тој ќе претставува место каде што секој ќе може да се почувствува слушнат, разбран и поддржан“, истакна Фатмир Сабриу.

Како што посочи тој, семејствата што живеат во сиромаштија, самохраните родители кои секојдневно се борат за достоинствен живот за своите деца, младите кои се на чекор од напуштање на образованието поради сиромаштија, бегалските деца кои бараат безбедност и надеж, децата од ромската заедница кои заслужуваат еднакви шанси, и оние чии родители се борат со ментално здравје, зависности или семејно насилство – сите тие се во срцето на нашата мисија за подобро утре.

„Децата од улица со нивните семејства сега во оваа област имаат соодветно место каде што ја добиваат потребната поддршка и совети“, рече Харалд Бреза Фугер.

Хамза Амети порача дека Центарот за социјални работи на Град Скопје целосно ја поддржува оваа иницијатива и ќе продолжи да работи рамо до рамо со сите партнери, институции и организации за да обезбеди одржлива и ефективна поддршка за најранливите категории граѓани.

Дневниот центар „Гнездо“ е основан со поддршка од Сојузното министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија, а во соработка со невладината „ЕКПАТ“ Австрија.

Дневен центар за деца и семејства во социјален ризик „Гнездо“ се отвора на 15 мај