Отворен дневен центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години во центарот на Скопје

Отворен е новиот Дневен центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години во скопската Општина Центар, кој е сместен на улицата Пролет, број 39, до Веро Џамбо.

Дневниот Центар преку организирање на креативни работилници и едукации ќе има за цел социјализација и интеграција на лицата со интелектуална попреченост во општеството. Работното време на Дневниот центар ќе биде секој работен ден од понеделник до петок од 08 до 16 часот.

На отворањето присуствуваа Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и претставници од Црвениот крст на Град Скопје. Шилегов упати апел до сите општини во градот да го следат примерот на Општина Центар и на Црвениот крст и колку што можат поактивно да работат на полето на социјалната заштита.

ФОТО: Град Скопје

„Отворањето на Центарот за возрасни лица со попреченост го гледам како голем чекор напред во оваа сфера на дејствување. Активното учество на локалната заедница во обезбедувањето поквалитетен живот за сите наши сограѓани е клучно за развој на целата заедница. Градот Скопје во изминатиот период активно работеше на полето на социјалната заштита при што интензивно се вклучува и во процесот на деинституционализација кој е исклучително важен за овие граѓани“, рече Шилегов.

Градоначалникот на Град Скопје им додели благодарници на избраните „волонтери на годината“ од Црвениот крст за напорите кои ги вложуваат во унапредување на инклузијата.