Отворен центар за слепи лица во склоп на Црвен крст

Во просториите на Црвениот крст на Македонија денеска беше отворен првиот Центар за поддршка на лица со оштетен вид. Овој Центар преку работилници за здравствена заштита, образование и психо­социјална едукација ќе дава поддршка на слепите лица.

Секретарот на Црвен крст на Град Скопје, Сузана Пауновска потенцира дека целта е да се обезбедат социјални сервиси, услуги и услови на лицата со оштетен вид и нивните семејства, а притоа да им се олесни животот и функционирањето во општеството.

Слепите лица во Центарот ќе имаат можност да користат материјали кои ќе бидат испечатени на Браево писмо, на македонски и албански јазик. Центарот ќе работи од понеделник до петок од 9 до 17 часот, а со слепите лица ќе работат тимови од волонтери на Црвениот крст во соработка со Националниот сојуз на слепи лица во Македонија.

Инаку, во Македонија има околу 2.300 луѓе кои се слабовидни, а од Црвениот крст најавија дека е во план и отворање на вакви центри во други градови во држава.