Отвoрање на Социјален Велосипедски Центар – „Педала“

„Точкољупците“ на Скопје на 29 август во 19 часот, кога ќе се вози новата Критична маса, официјално ќе го отворат Социјалниот велосипедски центар „Педала“. Локацијата на центарот е зад Веро (2) Тафталиџе, односно спроти Педагошки факултет.

„„Педала“ веќе некое време ја врши својата работа и веќе прими неколку донации на велосипеди од добри луѓе кои не ги користат веќе велосипедите, за што ние се грижиме да ги средиме и понатаму да ги донираме на некому кому му треба велосипед, а не може да си дозволи. Во „Педала“ можете да најдете професионален алат на располагање и слободно да го користите при што имаме стручен надзор за да ви помогне/посочи во работата. А набрзо ќе ги имаме и првите образовни работилници посветени на одржување на велосипед, справување со проблеми со дупнати гуми, справување со кочници, справување со менувачи на брзини, и ред други кои ќе ги објавуваме како ќе се појави потреба. Додека дружбата со други точкољупци во „Педала“ на големо е присутна од понеделник до петок, од 4 до 8 часот попладне“, информираат од центарот.

„Социјалниот велосипедски центар „Педала“ се финансира од членарина на луѓе кои сакаат да бидат дел од оваа новина во Скопје и да ги користат и поддржат услугите кои „Педала“ ги нуди. Регуларна „Педлар“ членарина е 1.200 денари годишно, додека за студенти има 50% намалување. За „Педала херои“, кои сакаат да овозможат и загрозени лица да имаат бесплатен пристап до „Педала“, услугите се 2.000 денари. А се прифаќаат и групни членарини, односно членарини на фирми и организации.

На денот на отварањето на „Педала“ посетителите ќе можат да се запознаат со доброволците на „Педала“ кои ќе бидат на располагање за разговор околу состојбата на вашиот точак, односно да го погледнат во која состојба е и доколку е потребно нешто да се подобри.

Почетокот на „Педала“ е во дел помогнат од Смарт Старт, проект на Центарот за истражување и креирање на политики, а финансиран од Европската комисија.

Од „Педала“ ги повикуваат сите заинтересирани на отварањето, како и на приклучување на возењето на Критична маса која дента започнува од градскиот плоштад во Скопје од 5 и половина часот попладне.