Во Музејот изна современа уметност (МСУ), од утре 4 декември, па сѐ до 14 февруари, ќе биде отворена мултимедијалната изложба „Допри ја природата“ (Touch Nature), која обединува австриски и македонски уметници.
Преку фотографија, видео, цртеж, скулптура и нови еко-уметнички практики, изложбата поттикнува поинакви погледи кон климатската криза и можните одржливи иднини.
„Планетарната климатска криза денес се манифестира со сè поголема загриженост. Екстремните временски појави и нивните разорни последици трајно ја менуваат нашата романтичарска претстава за ‘чистата природа’. Како реакција на овие промени, мултимедијалната изложба ‘Допри ја природата’ ги обединува австриските и македонските уметници кои заземаат јасен став кон последиците од Антропоцената. Нивната работа не се ограничува само на документирање и артикулирање на отпор кон експлотацијата на природата, туку создава и поттикнувачки стратегии за суштинска промена на погледот кон светот. Преку нивните дела, уметниците нудат визии исполнети со надеж, нови можности за однос меѓу човекот и светот, засновани на внимателност, почит и одговорност кон животната средина.
Човештвото одамна ја загуби илузијата дека стои над природата и владее со неа. Луѓето не можат да се разберат како одделени од својата околина, туку само преку нивните сложени односи со другите живи битија. Уметниците го истражуваат ова преплетување преку традиционални медиуми сликарство, цртеж, фотографија, видео и скулптура, но и преку нови практики како био-уметноста, која вклучува активно учество на не-човечки организми во процесот на создавање. Тие сè почесто излегуваат од традиционалните изложбени простори, поврзувајќи ја својата работа со групи за живитната средина како и еко-феминистички движења. Така настануваат еко-уметнички проекти што ги спојуваат уметничкото истражување и еколошкиот активизам. Овие проекти често се резултат на интердисциплинарна соработка со научници од различни области, кои се занимаваат со теми како економската експлоатација на земјиштето, прекумерното урбанизирање, глобалното влијание на потрошувачките навики, ширењето на епидемиите и истражувањето на живите организми и генетиката.
Серијата изложби ‘Допри ја природата’, која досега е претставена на 13 австриски културни форуми во соработка со галерии и музеи од Европа и од САД, се надоврзува на увидите на Александар фон Хумболт, пионер на еколошката мисла и основоположник на климатологијата, екологијата и океанографијата. Во 1810 година тој му ги напиша на Јохан Волфганг фон Гете славните зборови: ‘Природата мора да се почувствува’“, стои во најавата за изложбата.
Уметници што учествуваат: Џудит Вагнер, Нада Прља, Петре Николоски, Ирена Паскали, Михаел Ендлихер, Донја Алипур Елена Кристофор, Аника Ешман, Марен Јелеф – Клаус Пихлер, Моника Л. Локашо, Алфред Хрушка, Принцпод, Елизабет Фон Самсонов, Нивес Видауер, Едгар Хонетшлегер, Моника Пихлер, Мариелис Сеjлер и Анета Светиева.
Изложбата е курирана од Сабин Фелнер и ко-курирана од Лоренц Фелнер. Отворањето е закажано во 18:30 часот.




