Учениците оставени без сексуално образование, надлежните ги игнорираат препораките на здруженијата

Отсуството на сексуалното образование и лошите здравствени навики кај младите се директно поврзани со лошите здравствени статистики во државата, истакна Велимир Савески од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување Х.Е.Р.А. Како сериозен проблем, на конференцијата за промоција на новата Младинска платформа за сеопфатно сексуално образование, беше посочено и тоа што институциите ги игнорираат препораките и искуствата, но и прирачниците на граѓанските здруженија за оваа проблематика.

Само десетина отсто од учениците изјавиле дека учеле за орална контрацепција на час во училиште, покажало истражувањето на платформата, направено во Скопје. Поразителни резултати има и во однос на правилото на користење кондоми, при што 20 отсто од учениците кажале дека слушнале за правилно користење на кондомот на час по биологија, додека 12 отсто на часовите по образование за животни вештини.

Савески  истакна дека и покрај тоа што во Македонија недостигаат статистики за тинејџерски бремености или абортуси,  имаме неколкукратно повисока бројка во однос на земјите од Западна Европа, каде има сеопфатното сексуално образование во формалниот систем. Дополнително, алармираше дека во просек, младите во Македонија го имаат својот прв сексуален однос на 14 годишна возраст.

„Ние треба пред да се впуштат младите во првиот сексуален однос, пред да донесат одлуки во животот, да ги спремаме со сите тие информации кои се научно потврдени со цел да донесат информирани одлуки. Односно, сите информации да ги имаат на време и да одлучат што е најдобро за нив“, додаде тој.

Средношколците се согласуваат дека се потребни повеќе предавања на оваа тема, наместо само едно предавање кое го имаат во цела година.

„Досега сме имале само неформални предавања од страна на некои организации, коишто не се поврзани со училиштата и мислам дека е битно за младите да се информираат повеќе да се воведе било каков предмет со предавања кои можат да придонесат за подобра информираност кај младите“, изјави средношколецот Мартин Тасевски.

Симона Младеновска од студентската организација „Излез“, која е дел од оваа платформа, рече дека постојат стратегии и прирачници на оваа тема, но не наишле на доволен слух од надлежните институциим, ниту на доволна желба и буџет.

„Направени се обиди за соработка со Министерството, постојат стратегии, постојат прирачници кои се уште не се имплементирани во формалното образование, без да добиеме конкретен одговор кои се спорните делови од истражувањата“, рече Младеновска.

Од името на платформата, ги повикуваат сите државни институции, пред се Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование, на отворена дебата, со цел воведување соодветно сексуално образование во училиштата и подобрување на пристапот на информациите кај младите во државата за да се најде заедничко решение.

Платформата која постои од неодамна, се состои од девет граѓански организации меѓу кои, Младите можат, ЏЕФ Македонија, ХОПС – Опции за здрав живот, Младински образовен форум, Излез, Сенки и облаци, Младинска мрежа Y-PEER, Националниот младински совет на Македонија и Х.Е.Р.А – Асоцијација за здравствена едукација и истражување. Нејзината цел е унапредувањето на знаењата кај младите од областа на сексуалното и репродуктивно здравје и превенцијата од ризици.

Во продолжение, може да ја проследите трибината „Квалитетнo образование за сексуално и репродуктивно здравје во училиштата“, која се одржа во ЕУ инфо центарот каде како панелисти настапија:

– Д-р. Лина Ќостарова Унковска – „Малинска“, Центар за психосоцијална и кризна акција
– Д-р. Милена Стевановиќ- Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби- Скопје
– Проф. Елвира Мустафа, СГГУГС „Здравко Цветковски“
– Велимир Савески, претставник на ССО платформата