Отстранети јапонските цреши од „Максим Горки“, ќе се менуваат со нови садници

Јапонските цреши кои ја разубавуваа улицата „Максим Горки“, во центарот на Скопје утринава се отстранети од страна на екипите на ЈП „Паркови и зеленило“. Од Град Скопје соопштија дека се работи за 14 целосно суви јапонски цреши,  од едната страна на улицата кои не можеле да бидат спасени  поради габична инфекција.

„Во овој контекст, минатата година општина Центар апелираше до компаниите на оваа улица кога ги чистат објектите да не истураат вода со хемикалии во дрвјата. Дрвјата во состојбата во која што се наоѓаа (некои беа и веќе паднати) претставуваа опасност по безбедноста на минувачите на овој фреквентен потег, како и по безбедноста на имотот на граѓаните“, појаснуваат од Градот од каде најавија дека во понеделник, ќе бидат засадени 18 нови садници од јапонски цреши.

Отстранувањето на дрвјата ги „запали“ социјалните мрежи, а голем број граѓани се сомневаа во исправноста на ваквата постапка, загрижени дека центарот на Скопје останува без дрвја.