Отсечени населби во Хрватска и Босна и Херцеговина по обилните врнежи

Северните и централните делови на Босна и Херцеговина се поплавени по обилните врнежи кој го зафатија регионот. Поединечни населби на северот на земјата се потполно отсечени од сообраќајната мрежа, а граѓаните пријавуваат проблеми со снабдување со вода и струја, јавуваат локалните медиуми.

Поради излевањето на сите реки, на подрачјето на општината Теслиќ е прогласена вонредна состојба, пренесува Хина.

Во Бања Лука е исто така прогласена вонредна состојба од понеделникот. Припадниците на Службата за цивилна заштита се во целосна подготвеност, распоредени на критичните места на подрачјето на градот поради евентуалните поплави.

Хрватска од вчера е „на нозе“ поради невремето. Најлошо беше вчера во Хрватска Костајница, каде од рано изутрина се преземаат мерки за одбрана од поплави. Водостојот на реката Уна е драстично зголемен, но ситуацијата е малку потсмирена.

Според последните информации од Секторот за вонредни состојби моментално во Србија нема поголеми проблеми и дека ситуацијата е во потполна контрола. Хидрологот Славомир Стефановиќ за РТС истакна дека наредните денови се очекува максимален пораст на реката Сава.

Од Управата за хидрометеоролошки работи на Северна Македонија информираат дека во изминатите 24 часа, најмногу дожд наврнало во Маврово, 47 литри на метар квадратен. За денес предупредуваат за обилни врнежи од дожд во попладневните и вечерните часови, како и грмежи и засилен ветер. На места ќе има и невреме со појава на град. Претходно, повеќе општини низ државата ги активираа кризните штабови со цел да се спречат поголеми штети.