„Отпорно Скопје“ против климатските промени

Експерти и граѓани изработија стратегија за климатските промени, односно документ со наслов „Отпорно Скопје“, кој содржи сеопфатни анализи, препораки и мерки што би требало да се спроведат во наредните пет години за успешно справување со климатските промени и јакнење на урбаната отпорност.

Според градските власти, промената на климата е глобален проблем, но последиците се чувствуваат онаму каде што се и причините за нив, на регионално и локално ниво. Современите градови кои забрзано растат и се развиваат и се дом на повеќе од 60% од светското население особено ќе ги почувствуваат последиците од екстремните временски непогоди кои негативно ќе влијаат врз животот во урбаните средини, ќе предизвикуваат несогледлива материјална штета и загуба на човечки животи.

„Во Стратегијата се опфатени акциите за намалување на причините за климатските промени, базирани на изработениот Инвентар на стакленички гасови за 2008 и за 2012 година, пресметани за трите главни сектори: снабдување со енергија, згради и транспорт. Притоа, земени се предвид веќе преземените активности од Градот Скопје во различни области: енергетската ефикасност, јавниот транспорт, подобрувањето на условите за одвивање на сообраќајот, развивањето на алтернативниот сообраќај, заштитата на воздухот и на водите, комуналните услуги, јавното зеленило, заштитата на здравјето на луѓето, помошта за ранливите групи и лицата со посебни потреби и др“, рече денеска градоначалникот Коце Трајановски на промоцијата на документот.

Според него, Акцискиот план на Стратегијата предвидува голем број активности во сите области, при што, највисок приоритет имаат превенцијата и заштитата од поплави и зелената инфраструктура. Висок приоритет е даден на: Воспоставување и унапредување на системот за предупредување; информирање и подигање на свеста, како и други институционални и организациски мерки, урбанистичко планирање заради заштита од поплави, заштеда на чиста вода за пиење, реупотреба, одведување на отпадни и атмосферски води, но и формирање и рехабилитација на јавните зелени простори.

Во таа насока, нагласи Трајановски, посебно важен документ за Градот Скопје е изработката на Зелениот катастар, којашто е во тек.

„Целта е воспоставување сеопфатен информациски систем за зелените површини во Скопје и регулирање и управување со севкупниот систем на зелените површини на градот. Зелениот катастар ќе биде жив, интерактивен документ, во прилог на подобрување на активностите на ЈП ‘Паркови и зеленило’ и на транспарентност и достапност на податоците и увид во состојбите за граѓаните. Имплементацијата на предвидените мерки за успешно справување со климатските промени бара организирана акција на Градот Скопје и скопските општини, но и на ресорните министерства, стручните институции и организации, како и на сите граѓани на Скопје“, истакна градоначалникот Трајановски за Зелениот катастар, кој Град Скопје репризно го најавува години наназад.

Според податоците во Стратегијата, доколку не се преземе ништо во наредните години, емисиите на стакленички гасови ќе се зголемат за 25% во 2020 година. Но, доколку се имплементираат мерките кои се веќе планирани во стратешките документи и развојни планови на општините и на Градот Скопје, емисиите можат да се намалат за 22%.

„Многу е важно да се направи вистинскиот избор. Секоја година температурите стануваат се повисоки, а екстремните природни непогоди се се позачестени, јасно е дека итно треба да се засилат напорите за справување со климатските промени и подготовка за нивните последици. Скопје презема водечка улога на ова поле и ние го охрабруваме и градот и граѓаните да ги спроведат мерките коишто се предложени во новата стратегија“, рече денеска Луиза Винтон, од УНДП.

На денешната промоција беше доделен и велосипед на расклопување на Зорица Бојаџиева, за нејзината идеја којашто победи на конкурсот за граѓаните „Како да се помине еден зелен ден во Скопје“, според која е снимено и видео.