Отпадот нека оди таму каде што нема гласачи

Во Пелагонискиот регион повторно се одржа протест против изградбата на регионална депонија – дел од европскиот проект за интегрирано управување со отпад. Жителите на Битола и Новаци, организирани преку иницијативата „Против депонија во Пелагонија“, го искажаа својот револт на протестен собир во близина на селото Мегленци, каде што е предвидено да се гради современ центар за третман и складирање на неопасен отпад од 18 општини од Пелагонија и Југозападниот регион, пишува Мета.мк.

Според барањата на организаторите, депонијата не треба да се гради „во срцето на Пелагонија“, туку на друга локација, како што е Криволак, која според нив е пооддалечена од населени места и земјоделски површини. Тие исто така предлагаат здружување на најмногу три соседни општини наместо планираните осумнаесет, со цел да се намалат капацитетите и обемот на депонирање.

Покрај несогласувањето со локацијата, дел од граѓаните отворено изразуваат недоверба дека проектот ќе биде спроведен според највисоките еколошки стандарди, иако тоа е јавно објавено од надлежните институции. Дел од учесниците на протестот изразија и сомнежи дека преку регионалната депонија ќе се увезува и складира опасен отпад – наратив кој не се потпира на никакви официјални документи, но продолжува да циркулира како дел од отпорот.

Министерството за животна средина и просторно планирање, од друга страна, уверува дека проектот се спроведува во согласност со европските стандарди и е финансиран преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Во тек се постапки за набавка на возила и контејнери, како и за воспоставување на регионално комунално претпријатие и обуки за негово функционирање.

„Локалните самоуправи се силно посветени на проектот, бидејќи се свесни дека сегашната состојба со отпадот претставува реална закана по здравјето и животната средина. Сите барања за дополнителни информации од граѓаните се обработуваат, а следната јавна презентација ќе се одржи повторно во Битола следната недела“, информираат од Министерството.

Претставниците на иницијативата, меѓу кои и Тони Апостоловски, предупредуваат дека протестите ќе продолжат и најавуваат иницијатива за референдум во Општина Новаци за да се запре изградбата на регионалната депонија. Апостоловски во своите изјави посочува на политичко недоволство и шпекулации за потенцијален увоз на „нуклеарен отпад“, тврдења кои досега не се потврдени со докази и се темелат на пошироко недоверие во институциите.

Хроничен предизвик за еколошките реформи

Случајот во Новаци не е исклучок. Во изминатите години, бројни слични проекти за современо управување со отпад се соочија со отпор во различни региони на земјата.

Во Дебрца, во 2019 година граѓаните организираа протести и успешен референдум против планираната депонија кај Годивје, во близина на Охридското Езеро. Проектот беше повлечен од страна на Владата по бројни реакции и притисок од јавноста.

Сличен отпор се појави во централна Македонија. При разгледувањето на локации за регионална депонија во Вардарскиот регион, жителите и локалната власт на Општина Росоман не се согласија депонијата да се гради кај нив. Општинскиот совет на Росоман едногласно гласаше против ваквиот предлог, иако останатите општини од регионот претходно дале согласност локацијата да биде токму таму.

Во Полошкиот плански регион, проблем беа лошите услови на веќе постоечката регионална депонија Русино близу Гостивар. Последните години тамошните жители повеќепати излегоа на протести и блокади, барајќи дислокација или темелна санација на Русино поради смрдеата, запаленото ѓубре и опасноста од загадување на водите и почвата. Тогашната влада преку донатори обезбеди средства за рехабилитација на локацијата Русино (тампонирање, покривање на отпадот) и набавка на опрема (контејнери, камиони) за подобро управување со отпадот во полошките општини. Новата влада, пак, на чело со Министерот за животна средина Изет Меџити, најави дека во моментов во тек се активности за избор на компании што ќе го реализираат проектот за изградба на регионалната депонија, а најдоцна до јуни 2025 година се очекува да започне реализацијата на терен.

Источниот и Североисточниот плански регион беа првите што започнаа проект за модерен Регионален центар за отпад финансиран од ЕУ, предвиден да се гради во атарот на селата Мечкуевци–Арбашанци (Општина Свети Николе). Но, и по десетина години, изградбата сѐ уште не е започната – делумно поради континуиран отпор на локалното население. Политички влијанија и ширење дезинформации (на пр. дека ќе се увезува туѓ отпад или дека депонијата ќе биде „нов Чернобил“) создадоа конфузија и недоверба кај граѓаните. Наместо да препознаат бенефит од затворањето на стотината диви ѓубришта во регионот, многумина жители во Свети Николе стравуваат од „европската депонија“ и остануваат против нејзина изградба. Така, првиот тендер за изведувач неколкупати пропадна и проектот се одолговлекува. Локалната власт во Свети Николе исто така застана против проектот, дополнително забавувајќи го. Овој застој носи ризик земјата да ги изгуби обезбедените средства – ЕУ грантот и заемите нема бесконечно да чекаат на искористување. Случајот на Свети Николе илустрира како негативната кампања и отсуството на транспарентна комуникација од институциите можат да закочат еден стратешки еколошки проект.

Последен во низата е примерот со Пелагонија. По откажувањето на плановите за изградба на депонијата во Дебрца, властите решија за Пелагонискиот и Југозападниот регион заедничка регионална депонија да се гради на дел од стариот рудник „Суводол“ во Општина Новаци. Локацијата Суводол – оддалечена 2,4 км од битолското село Мегленци беше експертски оценета како најсоодветна за овој мегапроект, а во 2021–2022 година се спроведе студија за животна средина и се обезбедија заеми од ЕБОР за реализација.

Сепак, кога проектот влезе во фаза на конкретна реализација, во јавноста во Битола се појавија негодувања. Група граѓани од крајот на 2023 година наваму започна редовни протести секоја среда под мотото „СТОП за депонија во Пелагонија“, барајќи изградбата да се стопира или дислоцира на локација подалеку од населени места и обработливо земјиште. Протестите кулминираат оваа пролет. Иако надлежните уверуваат дека регионалната депонија во Суводол ќе биде по европски стандарди, недовербата кај дел од јавноста во Пелагонија сѐ уште е голема и иднината на проектот останува неизвесна. И овој пат протестите се проткаени со ширење дезинформации и манипулирање со јавноста во однос на тоа што всушност би се случувало откако ќе се изгради реигоналниот центар за управување со отпад. Се споменува увоз на опасен па дури и на нуклеарен отпад и негово уништување во овој центар. Често на социјалните мрежи се објавуваат и фотографии генерирани со вештачка интелегенција кои прикажуваат апокалиптични сцени во Битола преплавена со отпад.

Стратешка цел со локални пречки

Речиси секоја иницијатива за воспоставување на еколошки и стратешки потребен систем за отпад се соочува со отпор кога ќе стигне до избор на конкретна локација. Дел од отпорот произлегува од оправдани еколошки грижи, но голем дел е резултат на ширење непроверени информации и политизирање на проектите, особено во предизборни периоди.

Проектот за регионално управување со отпад е дел од националната стратегија за затворање на стотици диви депонии, воспоставување на систем за селекција, рециклажа и безбедно депонирање. Без регионални капацитети, овие цели остануваат неостварливи.

Надлежните институции повторуваат дека остануваат отворени за дијалог, дека граѓанските реакции се важни, но и дека долгорочниот интерес е заштита на здравјето, природата и јавниот простор што е невозможно без модерни и контролирани капацитети за третман на отпадот.

Мета.мк