„Откриј го Крушево“ – природа, култура, авантура

На 27-ми јули (недела), ќе се одржи целодневниот настан „Откриј го Крушево”. Настанот ќе се случува на неколку локации во Крушево, со главна цел промоција на природните убавини, културното богатство и можностите за авантури во Крушево и околината.

„Откриј го Крушево“ - природа, култура, авантура

Во текот на целиот ден, ќе се одржуваат настани, концерти, дегустации и презентации на неколку познати локации: Мечкин Камен, плоштадот „Никола Мартиноски“, куќата на фамилијата Ѓорчевски и бачилата, кои ќе бидат отворени посебно за овој настан. Гостите ќе можат да учествуваат и во наградно извлекување и да добијат вредни награди, како тандем-летови со параглајдер, викенд престојувања и вечери во Крушево. На целата територија на Крушево ќе се случуваат културни, кулинарски и авантуристички настани.

На Мечкин Камен ќе настапат групите Суперхикс и Љубојна, а водители ќе бидат Петар и Ана од познатата радио емисија „Петар за појадок и пауза”.

„Откриј го Крушево” е настан преку кој организаторите ја покануваат домашната јавност одново да се запознае со срцето на Македонија, град кој е добро познат, а сепак успеал да зачува свои тајни вредни за откривање.

Зголемениот број на посетители ќе придонесе за понатамошното економско, но и културно развивање на Крушево како град привлечен за домашните и странските посетители.

Преку настани како „Откриј го Крушево“ се збогатува туристичката понуда на градот, се стабилизираат приходите на локалното население и се истакнува градот како дестинација вредна за посетување.