Откриена моќта на најсветлата и најгладната црна дупка досега

Научниците при набљудувања од „Многу големиот телескоп“ (МГТ) во Чиле ја откриле моќта на објектот познат како J0529-4351, кој претставува квазар – светло јадро на галаксијата што се напојува од огромна црна дупка со маса од околу 17 милијарди пати поголема од нашето Сонце, известува Би-Би-Си.

Црната дупка, која се наоѓа во центарот на овој квазар, ја влече материјата кон себе со огромна брзина поради што таа се распарчува и испушта огромно количество светлина која е причината за видливоста на квазарот дури и за нас, и покрај огромната одалеченост.

„Црната дупка има незаситен апетит и конзумира маса еквивалентна на едно Сонце секој ден“, пишуваат научниците во списанието „Nature Astronomy“.

Тие велат дека црната дупка на квазарот има маса која е околу 17 милијарди пати поголема од нашето Сонце, како и дека емитираната енергија го прави него над 500 трилиони пати посветол од Сонцето.

Всушност, квазарот бил регистриран одамна, но неговата вистинска сила штотуку е препознаена.

„Изненадување е што тој остана непознат до денес, кога веќе знаеме за милион други помалку импресивни квазари. Досега буквално не зјапаше во лице“, изјави еден од астрономите кој работи на набљудувањата на МГТ, Кристофер Онкен.