Во пресрет на дочекот на Новата година, европските метрополи ќе бидат под силно полициско обезбедување, поради страв од евентуални терористички напади. Уличните прослави се откажани во Брисел, додека посебни мерки се спроведуваат во Париз, Лондон, Берлин и Москва.
Турските, белгиските и австриските власти неодамна добиле информации од своите разузнавачки служби за можни напади на нивните земји, па пради тоа ги откажуваат прославите.
Во Париз ќе биде откажан големиот огномет, а на Шанзелизе традиционалното собирање ќе се одржи со посебни безбедносни мерки. Традиционалниот перфоманс на Триумфалната капија ќе биде покус од вообичаено.
Црвениот плоштад во Москва ќе биде целосно затворен, додека во Берлин е ставена забрана за пиротехника и носење ранци во круг од околу еден километар околу Брандербуршката порта. Приодот кон неа е исто така ограничен.
Лондон ќе одржи традиционален огномет, но на улици ќе има околу 3.000 полицајци вклучително и оние со тешко оружје.
Македонското Министерство за надворешни работи пак, информира дека сите прослави на отворено ќе бидат обезбедени со зајакнати мерки и активности и апелира до граѓаните да се воздржат од прекумерна употреба на алкохол, да не се управуваат возила под дејство на алкохол, како и да се воздржат од употреба на огнено оружје, петарди и други пиротехнички средства.
СВР Скопје ќе ги обезбедува прославите што ќе се одржат на плоштадот „Македонија“ и скверот „Јадран“, во салата на КК „Работнички“ во Градски парк и во Метрополис арена на Скопски саем.
Од МВР појаснуваат дека улиците нема да бидат затворени и сообраќајот ќе се одвива тековно и без никакви ограничувања.