Откажана средбата во Виена, демократскиот напредок ќе зависи од партиите

Еврокомесарот Јоханес Хан и членовите на Европскиот парламент изразија жалење што нема да се одржи лидерската средба закажана за утре во Виена, која требаше да и помогне на државата во спроведување на Договорот од Пржино, со учество на сите потписници на договорот, се вели во писмената реакција.

Во неа, се наведува дека постоечките проблеми со владеењето на правото во Скопје кои го поткопуваат овој договор мора да се решат без понатамошно одложување. Ова се однесува пред се на неодамнешната одлука на претседателот Иванов за помилување како и потребата од итно преземање чекори за подготовка на кредибилни избори кои ќе бидат препознаени од меѓународната заедница.

„Ние сите остануваме силно посветени и достапни да им помогнеме на партиите. Сепак, нагласуваме дека одговорноста за да се спроведи демократски напредок и да се направи напредок во евро-атлантскиот пат зависи од самите партии, во име на граѓаните на својата земја. Сега тие се на ред да го достават и да го дефинираат понатамошниот пат. Ние постојано велиме дека распаѓањето на Договорот од Пржино ќе има многу сериозни последици за земјата. Ние длабоко жалиме за ретроградните чекори кои ја придвижија земјата подалеку од нејзините аспирации кон членство во Европската унија“, стои во писмената реакција на Хан, Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгл.

Европските пратеници велат дека по откажувањето на средбата, тие се принудени да разгледаат понатамошни активности за да ги исполнат барањата поставени од Европскиот совет, Европската комисија и Европскиот парламент. Тие и понатаму изразуваат целосна поддршка за сите мирољубиви напори да се обезбеди плурализам и слобода на мислење во држава, за кои велат дека се централни вредности во сите европски демократии.