Се откажува годинешното издание на традиционалниот Охридски пливачки маратон поради пандемијата на коронавирус. Нема да се организира ниту трката на 10 километри, соопштуваат од Пливачката федерација на Северна Македонија.
„Пливачката федерација на Северна Македонија како активен член во Светска пливачка федерација (ФИНА) и единствена надлежна за пливање и далечинско пливање во нашата држава, соопштува дека годинашните официјални интернационални пливачки маратони (Охридскиот на 25 и покусиот на 10 км.) од светската серија нема да се одржат поради пандемијата“, информираат од федерацијата.
Оттаму најавуваат дека во 2021 година, ќе бидат домаќини на двата пливачки маратони (на 25 км е најавен за 21 август додека на 10км за 28 август), но и на повеќе реномирани официјални пливачки натпревари во пливање и далечинско пливање. Нивната цел, како што велат од федерацијата, е Охрид да прерасне во еден од три светски центри за пливање и далечинско пливање.