Осветли го Скопје – ноќно качување и собирање отпадоци до врвот на Водно

„Осветли го Скопје“ во рамки на кампањата „Мрдни со прст“ утре вечер организира рекреативен настан – вечерна прошетка на полна месечина и собирање отпадоци од патеките на Водно. Зборно место за старт на адреналинската тура е „Кочо Рацин“ со старт во 19:45 часот.

Како што информираат од „Осветли го Скопје“, патеката по која ќе се пешачи организирано, е долга приближно пет километри, а до целта се стигнува за час и половина до два часа.

„Во зависност од физичката подготвеност на учесниците, ќе се тргнува во временски интервали од по 15 минути, а на стартната позиција турата ќе се врати околу полноќ.

Како општествено одговорна активност на ‘Осветли го Скопје’, во соработка со ‘Мрдни со прст’, учесниците ќе собираат отпадот на кој што ќе наидат и со тоа ќе придонесат за почиста планина. Соодветни материјали и кеси за оваа намена ќе бидат обезбедени од организаторот“, се вели во најавата за утрешниот настан.

Организаторите повикуваат, доколку има заинтересирани кои сакаат да тргнат од Средно Водно, да бидат кај фонтаната во 20:15 часот. Секој учесник во турата добива маица, подароци и ваучери од спонзорите, можност за уживање во музичка забава на врвот на Водно и бесплатно враќање со жичара до Средно Водно.

Повеќе информации за подигнувањето на пакетите, цената на учество и задолжителната опрема можат да се погледнат тука.