Освен во Скопје, абортусот со лекови да е достапен и во другите градови, бара Платформата за родова еднаквост

Од почетокот на 2021 година, абортусот со лекови, познат уште како медикаментозен абортус е достапен и во Северна Македонија, на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје. Тој се смета за безбедна алтернатива на хируршкиот метод.

Сепак, медикаментозниот абортус во моментов е достапен само во оваа здравствена институција за цела држава. Како последица, девојките и жените кои живеат надвор од Скопје немаат можност да изберат како ќе ја прекинат бременоста, што значително ја ограничува нивната репродуктивна слобода, реагираат од Платформата за родова еднаквост.

„Имајќи предвид дека актуелната пандемија дополнително им го ограничи пристапот на девојките и жените до здравствени услуги, денес, на Меѓународниот ден на безбедниот абортус, ние, членките на Платформата за родова еднаквост, бараме од здравствените власти да осигурат широка примена на медикаментозниот абортус низ целата земја, односно: Медикаментозниот абортус да стане достапна здравствена услуга и во болниците во другите градови низ земјата, и да се осигури регистрација на лековите за медикаментозен абортус за да се обезбеди негова примена како на болничко ниво, така и во гинеколошките ординации на примарно здравствено ниво“, стои во соопштението од Платформата.

Нивната реакција доаѓа по повод 28 септември – Меѓународен ден на безбедниот абортус, посочувајќи дека донесувањето на новиот Закон за прекинување на бременоста е значаен чекор напред кон обезбедувањето на квалитетна абортусна грижа.

„А во услови на пандемија, абортусот со лекови се смета за побезбедна опција за прекинување на бременоста бидејќи ја сведува на минимум потребата од посета на здравствените институции со што се намалува ризикот од изложеност на Kовид-19“, сметаат од Платформата.

Според нив, од досегашната примена на медикаментозниот абортус во Северна Македонија, над 90 % од жените се задоволни од оваа здравствена услуга и дека замената на хируршката интервенција и на анестезијата со лекови придонела да се чувствуваат побезбедно и подостоинствено.

Од друга страна, посочуваат тие, поради постојните мерки на заштита од Ковид-19, болниците располагаат со намален број на слободни ординации, па дел од жените кои сакале да направат абортус во различни здравствени установи низ земјата, се соочиле со услови во кои приватноста им била нарушена и со несензитивен однос од здравствените работници.

„Поради сензитивноста на самата здравствена услуга, апелираме до здравствените установи да го гарантираат правото на приватност и на доверливост на жените кои се одлучиле да направат абортус. Апелираме и до здравствените работници да си ја вршат работата професионално, покажувајќи високо ниво на грижа и емпатија кон пациентките. На ваков начин, и здравствените установи и здравствените работници ќе придонесат за намалување на стигмата и осудата кон девојките и жените кои решиле да не ја продолжат бременоста. Ова е особено важно сега кога жените се социо-економски меѓу најпогодените од пандемијата“, велат од Платформата.

Оттаму порачуваат дека абортусот е здравствена услуга како и сите останати во системот на здравствена заштита.