Освен известување на телефон, граѓаните да си проверат термин за вакцинација на меил и vakcinacija.mk

Освен известување на мобилен телефон, граѓаните може известување за термин за вакцинација да добијат и на нивната меил адреса, а може да проверат и на vakcinacija.mk, посочуваат од Министерството за здравство.

Оттаму информираат дека националниот систем „Мој Термин“ и во текот на денешниот ден испраќа известувања до граѓаните кои се пријавени за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk.

„Термини за вакцинирање се креираа синоќа до 22 часот, како не би се вознемирувале граѓаните доцна во ноќта со испраќање пораки, истите се испраќаат и во текот на денот“, велат од министерството.

Тие уверуваат дека сите граѓани кои изразиле желба за вакцинација ќе се вакцинираат, а дека процесот оди многу брзо, со голем број вакцини на располагање.

„Периодов ќе пристигнуваат дополнителнтелни пратки вакцини кои ги купивме во директни преговори со Фајзер, Спутник В како и вакцини купени преку Ковакс механизмот“, велат од МЗ.

Досега 484.220 граѓани се пријавиле за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk.

На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 358.686 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 11.299 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.732 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 586.537 дози вакцини, а ревакцинирани се 227.851 граѓани.   

„Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп“, велат од МЗ.

Со последните бројки 53 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина,  50 % од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 45 % од населението над 60 години е вакцинирано  со барем една доза вакцина.