Осуммина бегалци ја тужат Македонија во Стразбур

Бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан ја тужат Македонија во Стразбур поради присилно протерување, тврдејќи дека е прекршена Европската конвенција за човекови права, објави Балкан инсајт.

Две жени и шест мажи, потпомогнати од Европскиот центар за уставни и човекови права и од Проазил во вторникот, на 13 септември ја поднеле тужбата во Стразбур, во која тврдат дека Македонија ги протерала назад во Грција, откако ја преминале грчко-македонската граница.

Според осуммината бегалци, чии имиња невладините организации засега не ги откриваат, границата ја преминале заедно со околу 1.500 други на 14 март 2016 година.

Претставник на адвокатската група која има седиште во Франкфурт, Карл Kop, не сакал да ги идентификува тужителите, но потврдил дека барателите на азил биле од Сирија, Ирак и во Авганистан. Тој изјави дека доколку судот пресуди во нивна корист, на лицата им следува финансиска компензација од Македонија.

На 14 март се случи инцидент по должината на грчко-македонската граница, кога стотици мигранти и бегалци беа уапсени, а потоа протерани.