Министерството за здравство (МЗ) информираше дека во последните 24 часа се потврдени 134 нови случаи на Ковид-19, односно, регистрирани се 97 случаи во Скопје, 11 во Тетово, седум во Ресен, пет во Куманово, три во Струга, два во Крушево и Кичево и по еден случај во Прилеп, Велес, Битола, Кавадарци, Валандово, Кратово и Неготино.
Од МЗ информираа дека починале осум лица, односно, пет од Скопје, двајца пациенти од Тетово и еден од Куманово.
„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа три лица од Скопје, пациент (68г) хоспитализиран на 6 јуни, пациентка (65г) хоспитализирана на 13 јуни и пациентка (76г) хоспитализирана на 7 јуни.
Во ГОБ „8 септември“ починаа две лица од Скопје, пациент (77г) примен на 6 јуни и пациентка (77г) хоспитализирана во болницата на 10 јуни. На Клиниката за урологија почина пациент од Куманово (68г).
Во КБ Тетово починати се две лица на 13 јуни, пациент (67г) и пациентка при прием (71г). Позитивни резултати на ковид-19 на двајцата пациенти се потврдени постмортем“, информираат од МЗ.
Институтот за јавно здравје регистрирал 34 оздравени пациенти, односно, 23 од Куманово, шест од Скопје, по два од Прилеп и Велес и еден од Тетово.
„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 4289, бројката на оздравени пациенти е 1757, на починати е 201, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2331. Од вчера регистрираните, два теста се контролни“, стои во соопштението на МЗ.
Во последните 24 часа се направени 1.173 тестирања на Ковид-19. Од направените тестирања во изминатото деноноќие 95 се во рамките на скринингот во градинки во Штип и Охрид, а не се регистрирани позитивни резултати на ковид-19.
На Инфективната клиника во Скопје изминатите 24 часа примени се пет нови, а вкупно се хоспитализирани 90 пациенти. Од нив, на кислородна поддршка се 35 пациенти, а нема пациенти на механичка вентилација.
Во болницата „8-ми Септември“ примени се 25 нови, а вкупно се хоспитализирани 120 пациенти. Од нив, на респираторна машина се 12, a со потешка клиничка слика се 23 пациенти.
„Во болницата во Битола се хоспитализирани 27 пациенти, а во болницата во Штип се хоспитализирани 21 пациент. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 74 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19“, информираат од МЗ.
Досега во земјава се направени вкупно 45.054 тестирања на Ковид-19.