Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека од Ковид-19 починале осум лица, односно, пет пациенти од Скопје, и по еден пациент од Тетово, Струга и Кичево.
„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа двајца пациенти на возраст 70 и 93 години. Во ГОБ „8 септември“ починати се пет лица на возраст 34,45,78 и 87 години, а кај 62 годишен пациент, вирусот е потврден постмортем. Во КБ Тетово почина пациент на 78 години“, стои во соопштението на МЗ.
Во последните 24 часа пак, потврдени се 127 нови случаи на Ковид-19, односно, регистрирани се 57 случаи во Скопје, 13 во Штип, 12 во Свети Николе, десет во Струга, осум во Гостивар, седум во Охрид, шест во Тетово, по четири во Куманово и Кичево, по два во Пробиштип и Кратово, и по еден случај во Кавадарци и Демир Хисар.
Институтот за јавно здравје регистрирал 83 оздравени лица, односно, 35 од Скопје, 33 од Тетово, осум од Штип, пет од Гостивар и по еден од Велес и Пехчево.
„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 9153, бројката на оздравени пациенти е 4810, на починати е 422, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3921“, информираат од МЗ.
На Инфективната клиника во Скопје, во изминатите 24 часа примени се тројца пациенти, а вкупно се хоспитализирани 94 пациенти. Од нив, на кислородна поддршка се 44 пациенти, а нема пациенти на респираторна машина.
Во болницата во Козле се хоспитализирани 16 возрасни пациенти позитивни на ковид-19, и шест деца позитивни на вирусот.
„Во ГОБ „8 Септември“ примени се 11 нови, вкупно хоспитализирани се 94 пациент. На респираторна машина се 3 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 35, а во болницата во Штип се хоспитализирани 52 пациент. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 128 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19“, информираат од МЗ.
Досега во земјава се направени вкупно 85.820 тестирања на Ковид-19. Во последните 24 часа направени се 904 теста, а податоците за денес не доставиле од болницата „Жан Митрев“.