Осум луѓе во светот имаат богатство колку половина од сиромашната популација

Новиот извештај на Oxfam предупредува на растот на опасната концентрација на богаство. Најбогатите осум милијардери во светот контролираат еднакво богатство како половина од светската сиромашна популација.

Во извештајот, објавен во пресрет на еднонеделниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија, Oxfam вели дека е повеќе од неверојатно што неколку богати мажи на чело со основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, вредат 426 милијарди долари, што е еднакво на богатство на 3,6 милијарди луѓе.

Од организацијата побараа нов економски модел за да се запре нееднаквиот тренд, за кој велат дека помогнал во објаснувањето на Брегзит и победата на Трамп.

Од Oxfam сметаат дека причина за растечката нееднаквост се ограничувањата на платите, затајување на данокот и притисокот врз производителите од страна на компаниите, додавајќи дека бизнисите биле премногу фокусирани да вратат поголемо богатство на богатите сопственици и извршните директори.

Марк Голдринг, извршен директор на Oxfam изјави дека годинава сликата на нееднаквоста е појасна, поточна и пошокантна од кога било досега. Според него, застрашувачки е тоа што група на луѓе, кои лесно може да ги собери во една количка за голф, поседуваат повеќе од најсиромашната половина од човештвото.

„Додека еден од девет луѓе на планетата вечерва ќе си легне гладен, мал грст на милијардери имаат толку многу богатство што ќе им требаат неколку животи за да го потрошат“, рече тој.

Светскиот економски форум минатата недела соопшти дека растечката нееднаквост и социјалната поларизација станале двата најголеми ризици за светската економија во 2017 година и може да ја врати назад глобализацијата.

Во извештајот на Oxfam се вели дека половина од светската сиромашна популација поседува исто толку пари како Гејтс, Амансио Ортега, основачот на шпанскиот моден ланец Зара, Ворен Бафет, познатиот инвеститор и главен извршен директор на Беркшир Хатавеј. Другите петмина кои се најдоа на листата се Карлос Слим Хели, мексиканскиот магнат на телекомуникациите и сопственик на конгломератотГрупо Карсо, потоа Џеф Бесоз, основачот на Амазон, Марк Зукерберг, основачот на Фејсбук, Лери Елисон, извршниот директор на американската технолошка фирма Оракл и Мајкл Блумберг, поранешен градоначалник на Њујорк и основач и сопственик на Блумберг њуз.

Минатата година, извештајот покажа дека 62 од најбогатите луѓе во светот имаат богатсво колку половина од сиромашната популација. Сепак, бројот опадна на осум во 2017 година, бидејќи новите информации покажуваат дека сиромаштијата во Кина и Индија е поголема од онаа што досега се сметала.