Осум дипломирани инженери го добија признанието „Инженерски прстен“

Осум најуспешни дипломирани студенти од областа на инженерските дисциплини денеска од претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски во „Вила Водно“ го добија признанието „Инженерски прстен“, информираат од претседателскиот кабинет.

„Инженерскиот прстен“ чија цел е признание, но и афирмација на инженерските професии и поттик за формирање на квалитетен инженерски подмладок, го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, а е под покровителство на претседателот.

„Живееме во свет кој брзо се менува и кој е зависен од современите технологии кои отвораат нови перспективи, но, и свет кој е ранлив и кршлив што особено го покажува актуелната пандемија со Ковид-19. Како идни инженери, вие сте дел од нашиот човечки потенцијал врз кој мора да се темели иднината на нашата земја“, изјави претседателот.

„Се надевам дека најголем дел од вас ќе продолжат да се надградуваат, да напредуваат и професионално да се остваруваат во својата татковина. За тоа да се случи мора да бидат создадени сите предуслови од релевантните субјекти: државните институции, системот на образованието, бизнис-заедницата, за вашата иднина и професионалниот развој да бидат врзани со матичната земја“, додаде Пендаровски.

Признанието се доделува по 17-ти пат, а како што информираат од кабинетот на претседателот, досега, ваквото признание го добиле 178 дипломирани инженери.