Осуда на полициско насилство против новинари и од ЗНМ

Здружението на новинари на Македонија остро го осудува полициско насилство против новинар и тројца фоторепортери на вчерашниот протест пред канцелариите на претседателот Ѓорге Иванов во Скопје. Нападот врз новинарот Горан Наумовски од порталот Плусинфо и четворица фоторепортери, Огнен Теофловски од Вест, Наке Батев од Вечер и Борче Поповски од Слободен Печат и Томе Георгиев од Фокус, е напад врз сите новинари и слободата на медиумите, велат од ЗНМ.

„Професионалните апарати и објективи јасно ги идентификуваат фоторепортерите како новинари на задача. Нападот врз нив е со намера да ги спречи нив да фотографираат кога полицијата интервенира против демострантите. Со насилство против новинари полицијата сака да сокрие од јавноста користење на неселективна и прекумерна сила врз граѓаните. Со тоа полицијата свесно се стави во улога на цензор и да одлучува што смее да се информира од протестот“, стои во соопштението на Здружението.

Тие бараат од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски веднаш да ги идентификува насилните полицајци и најостро да ги казни.

„Досега МВР нема расветлено ниту еден случај на насилство против новинари на протести. Ваквото непрофесионално однесување повеќе не може да биде случајност. Полицијата свесно ги прикриваат насилниците и делуваат како да е надвор од цивилна контрола“, додаваат од ЗНМ.

Претходно, и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ реагираше преку соопштение, со кое побараа санкции за полициската бруталност кон новинарите на синоќешниот протест.