Оставка на романскиот премиер по протестите и пожарот во дискотека во Букурешт

Премиерот на Романија Виктор Понта поднесе оставка од функцијата, еден ден по масовните протести со кои се бараше одговорност за загинувањето на 32 лица во пожар во дискотека во Букурешт.

Понта веќе се соочува со обвинение за корупција. Во септември тој стана првиот романски премиер кому ќе му се суди по обвиненија за измама, даночно затајување и перење пари. Тој ги отфрли ваквите наводи  и обвинини дека обвинителите биле „целосно непрофесионални“.

„Се надевам дека оставката ќе ги задоволи луѓето кои излегоа на улиците“, изјави тој за романската телевизија.

„Понта поднесе оставка бидејќи некој морше да преземе одговорност за тоа што се случи“, рече лидерот на Социјалдемократска партија (ПСД), Ливиу Драганеа.

Протестите низ Романија беа поддржани и од претседателот Клаус Јоханис, а на нив излегоа над 20 000 граѓани гневни на системот кој дозволи да се случи трагедија во дискотеката.

Како што јавија светските медиуми, дискотеката во која избувна пожарот била отворена во стара фабрика за обувки. Објектот почнал со работа без потребните дозволи за организирање концерти и пиротехнички спектакли. Токму пиротехничката беше причина за пожарот во кој на самото место загинаа 26 лица, имаше околу 200 ранети, додека шест лица починаа од последиците од пожарот. Стотина повредени се уште се во болница.