„Остани без здив“ за Светскиот ден на пулмонална хипертензија

За прв пат во Македонија, во недела на 4 мај ќе се одбележи Светскиот ден на пулмонална хипертензија под мотото „Остани без здив за ПХ“.

Светскиот ден на пулмонална хипертензија

Здружението АПХ Момент Плус –Македонија како член на Европската асоцијација на пациенти за ПХ со ова се приклучува на глобалната светска кампања за подигање на свеста за пулмоналната  хипертензија и во недела напладне организира почесен маратон од 4 километри  и културно забавна програма во Гевгелија. Целта на Светскиот ден на пулмонална хипертензија, освен подигнување на јавната свест е укажување на потребата од рана дијагноза ,третман и пронаоѓање лек .

За еден пациент со ПХ 6 – минутно пешачење е како еден маратон. Пулмоналната хипертензија (PH) е тешко заболување со кое сериозно се ограничува работата на телото и може да заврши со смрт. Таа сериозно влијае врз секојдневните активности. Може да предизвика серија различни други заболувања (на пример, белодробни или срцеви заболувања или згрутчување на крвта), но и други за кои причините не се непознати. Во некои случаи таа е наследна, а се појавува независно од возраста или етничкото потекло.

„Нешто што е толку нормално и потребно за живот, како дишењето, може да биде голем напор за луѓето со пулмонална хипертензија, што понекогаш може да ги уплаши или обесхрабри. Додека за повеќето од нас дишењето е автоматско, за луѓето со пулмонална хипертензија секој здив е предизвик. Затоа е важно луѓето со пулмонална хипертензија да добијат коректна дијагноза за да добијат пристап до потребните терапии препишувани за вакви пациенти и да се продолжи со иновативни истражувања за нови и подобрени третмани сѐ додека не се пронајде лек. Овие побарувања може да се изведат преку две релативно едноставни решенија, кои не само што водат кон подобрување на резултатите од третманите за пациентите со хипертензија, туку и кон намалени трошоци за здравствениот систем и за општеството“, укажуваат од  АПХ Момент Плус –Македонија.

Тие бараат воспоставувањето на центри за експертиза за дијагностика, третман и справување со пулмонална хипертензија, како и искусни лекари кои ќе помогнат да се намали потребата за препишување скапи лекови.

Дишењето за луѓето со пулмонална хипертензија не претставува комфор, а центрите за експертиза и центрите за иновативни истражувања може да придонесат кон враќањето на овие луѓе во нормала. Не треба да чекаме, туку да дејствуваме веднаш, додаваат од АПХ Момент Плус –Македонија .