Основните и средните училишта треба да го „згреат столчето“ за преодна оценка по квалитет

Во поголемиот дел од основните и средните училишта низ државата се спроведуваат активности кои не го прошируваат знаењето на учениците. Со нив работи кадар кој одамна не добил соодветна надоградба, а самите наставници, пак, се оставени да работат во несоодветни услови. Ова го покажува интегралната евалуација на Просветниот инспекторат за минатата учебна година во 161 училишта, од кои 124 се основни, а 37 се средни.

На ниво на сите основни училишта е утврдено дека не се користат стандардизирани тестови за упис на деца во прво одделение, кои би овозможиле усогласеност и упис под исти услови и критериуми.

Овие училишта сè уште немаат доволно надгледни средства и помагала за реализација на наставната програма. Исто така, наставниците не се доволно обучени за да работат со Кембриџ програмата, а родителите сметаат дека наставните активности не се соодветни за возраста на децата, велат од Просветниот инспекторат.

За средно стручните училишта, пак, забелешката е дека немаат подеднаков интерес за учениците, односно некои се поатрактивни а некои не, за што останува да се утврди причината. И овде нема доволно негледни средства и помагала за реализација на практична настава, а недоволна е и сооработката со компаниите каде треба да се реализира обука на што треба да се поработи, стои во извештајот.

Потоа, училиштата навремено изготвуваат анализи за постигнување на учениците, но тие податоци не ги користат понатаму за подобрување на процесот на учење и работата на наставниците, за подобрување на постигањата на учениците – нешто што беше забележано и во претходниот извештај.

Друг проблем што го забележала евалуацијата е тоа што во поголемиот број средни училишта понудените проектни активности и слободни часови не се во насока на проширување на знаењата на учениците од струката и не се реализираат според предвидениот распоред и динамика. Додатната настава се планира, но не се реализира, а за дел од наставните предмети сѐ уште нема обезбедно соодветен наставен кадар. Дополнително, поголемиот број училишта немаат функционална компјутерска опрема и ИКТ во настават недоволно е применета.

„Во училиштата постои целосна искористеност на просторните услови за реализација на наставата, а со изградба на нови спортски терени и фискултурни сали постои тренд на подобрување на настава по физичко-образование / спорт и спортски активности но само во централните училишта. Потоа, во училиштата има простории кои се наменети за библиотеки, но слабост е што библиотечната евиденција не се води во електронска форма и постои недостиг на лектирни изданија и стручна литература.“

Сепак, извршената евалуација покажала дека дел од слабите страни нотирани во претходните извештаи се надминати, а во дел од нив, направени се подготовки и отпочнат е процесот на подобрување. Но, исто така сè уште постојат и слаби страни за кои нема воопшто подобрувања.

„Во дел од училиштата има формирано инклузивни тимови кои им нудат помош и поддршка на децата со посебни образовни потреби, но сепак во нивната работа недоволно се вклучени родителите. Дел од училиштата имаат формирано училишни спорски клубови, но не сите се активни. Во процесот на реализација на наставата констатирана е поголема интерактивност меѓу наставник-ученик, а додека практичната настава во средните стручни училшта не се реализира најдобро во и надвор од
училишните објекти. Училишта ги почитуваат правата на децата без разлика на етничката припадност, вера, пол и друго, но во голем број на училишта нема обезбеден пристап на лица со телесни пречки“, се вели во евалуацијата.

Фото: Илустрација на хидрантска опрема

Хидрантите се во функција и ПП апаратите навремено се сервисираат, но во случај на елементарна непогода училишта се уште немаат изготвено планови за евакуација и поголем број училишта немаат спроведени симулации за брзо напуштање на училишните објекти. Исто така, во најголемиот број на средни стручни училишта не се обезбедува и не се користи заштитна опрема при изведување на практична настава.

Иако училиштата имаат Кодекси за однесување на сите структури вклучени во воспитно образовниот процес и имаат добра соработка со локалната заедница, отсуствува соработката со деловната заедница и невладиниот сектор.

„Училиштата организираат хуманитарни акции за ученици од социјално загрозени семејства, но немаат доволно активности за да им обезбедат на учениците кои го завршуваат образованието јасни, точни и најнови информации за можност за понатамошно образование, доусовршување или вработување. Ученичката заедница не е доволно вклучена во училишниот живот и донесувањето одлуки во интерес на учениците на што треба да се поработи.“

Ново именуваните членови на училишните одбори, пак, не се запознати со законските одредби кои ги регулираат нивните  надлежности. Само неколку училишта немаат изработено програма за развој, а сите имаат Самоевалуацијата, но тие не се изработуваат навремено и транспарентно.

„Приправниците се најчесто оставени самостојно да работат, а менторите својата работа ја спроведуваат само при потпишувањето на потврдата за менторски стаж. Во поголемиот број на училиштат не постои интерна процедура за упатување на наставниците за професионално усовршување, но добра практика е тоа што наставниците кои биле на обука најчесто спроведуваат дисиминација на стекнатото знаење од истите.“

Во интегралната евалуација посебен акцент е ставен и на актуелни теми како меѓуетничката интеграција и едукацијата на учениците за корупција во образованието.

Забелешките се дека сѐ уште во училишта каде наставата се реализира на различни наставни јазици се работи во посебни смени или посебни училишни згради. Соработката меѓу партнер училиштата не е на заводно ниво, а за учениците кои следат настава на јазик различен од македонскиот јазик нема обезбедено учебници по сите наставни предмети на јазикот на кој се реализира наставата.

Позитивно е тоа што се појавуваат мешани групи на ученици кои одат на ученички екскурзии, матурски полуматурски прослави или организираат воннаставни активности. Слично вмрежување се забележува и меѓу наставниците.

Интегралната евалуација се врши на секои три години. Училиштата ќе имаат 6 месеци да ги исполнат дадените препораки во конечниот извештај.

Емилија Петреска