Основците од наредната година ќе можат да учат и на босански јазик

Владата на синоќашната седница ја усвои информацијата за подготовка на образовниот систем за воведување босанскиот јазик во редовна настава во основно деветгодишно образование.

„Во текот на наредниот период треба да се направат сите подготовки ова да се имплементира и, веќе од учебната 2018/19 година, планирано е босанскиот јазик да се воведе во редовната настава во основното деветгодишно образование“, рече владинот портпарол Миле Бошњаковски.

На новинарско прашања во кои училишта и делови на Македонија ќе се воведува и зошто, Бошњаковски потенцираше дека Министерството за образование и Бирото за образование ќе направи измени во наставниот план и ќе се изготват наставни програми по предметот Босански јазик.

„Но, ќе се и преведат постоечките наставни програми по предметите кои ќе се изучуваат во прво одделение. Ќе се изучува во оние општини и оние делови каде имаме припадници на оваа етничка заедница. Значи, се воведува можност и тие да учат на својот мајчин јазик“, рече Бошњаковски.