Основците од Кисела Вода ќе учат во униформи

Сите основци од училиштата од општина Кисела Вода новата учебна година ќе ја започнат со бесплатни нови униформи. Од Кисела Вода посочуваат дека обезбедиле средства во својот Буџет во висина од 5 милиони денари кои ќе се потрошат на униформите, како дел од стратегијата за обезбедување еднакви можности за сите деца.

„Во услови кога социјалните разлики се многу изразени, огромните разлики во финансиската моќ на родителите знаат да биде извор на поделби, па дури и булинг, Општина Кисела Вода излегува со мерка која треба да овозможи намалување на нееднаквостите во училиштето, и обезбедување на атмосфера во која учениците ќе можат целосно да се фокусираат на своето образование, без разлика на својот економски статус“, соопштува Општината.

Од таму велат дека со низа мерки се грижат училиштето да биде простор за образовен, база за иден кариерен напредок.

„Стимулативна средина во која учениците ќе се натпреваруваат во знаење, а не во финансиска моќ. Свесни дека социјалните разлики се се’ поизразени, дека немаштијата затропа на многу порти, како локална самоуправа донесовме одлука да издвоиме средства за униформи за секој ученик од прво до деветто одделение“, велат општинарите.

Исто така, од таму ја продолжуваат и мерката за бесплатна училишна чанта, тетратки и училишен прибор за секое прваче.