Основана „Матка“ – платформа за слободен пристап до легален абортус

Денеска во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, платформата „Матка“ одржа прес конференција по повод нејзиното основање.

Основана „Матка“ - платформа за слободен пристап до легален абортус

Tiiiit! Inc. заедно со ХЕРА, Реактор – истражување во акција, ЛезФем, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, Бори се женски, Здружение „Студентска организација Излез“, Контрапункт и Акција Здруженска, поттикнати од нетранспарентноста на донесувањето на законот за абортус, ја создадоа Матка – платформа за слободен пристап до легален абортус.

Кристина Леловац истакна дека  „Матка“ во рамки на својата иницијатива Мое тело – mој избор! има за цел да укаже на сериозниот посег во основните човекови права, кој се случи со донесувањето на новиот закон за прекин на бременоста.

„Матка работи на запознавањето со последиците од донесениот закон на пошироката јавност и нејзино активно вклучување во акциите за пристап до слободен и легален абортус. Пошироката јавност ги подразбира сите – и мажите и жените, и младите и возрасните, оние кои допрва ќе создаваат семејства и оние кои веќе ги имаат. Затоа овој закон не е само женски проблем. Тој сериозно допира и во интимата на мажите. Со овој закон сме соочени сите. Родителството не е законска обврска туку лична, најинтимна потреба. Слободата на човекот се остварува низ практикување на правото на избор. А абортусот е токму тоа, еден можен избор. И затоа демократските општества имаат обврска да го направат легален, сигурен и достапен“, истакна таа.

Весникот „Избор“ го претстави Благица Петрова која рече дека овој весник има за цел да ја информира јавноста за проблематиката околу новиот Закон за прекин на бременоста и неговата небулозна содржина која брутално навлегува во просторот на човековите права и слободи.

„Сакајќи да им ја доближиме пораката на граѓаните, да ги информираме на транспарентен начин за можните последици од овој Закон, ја одбравме токму оваа форма, која ним им е блиска. Ова издание на весникот и наредните три кои допрва ќе следуваат, во суштина и во содржина ќе бидат одговор на новиот Закон и ехо во молкот по неговото донесување“, рече Петрова.

Видеото “Нема да голтнам“во режија на Ана Јакимоска е првото од неколкуте видеа кои ќе бидат продуцирани од платформата „Матка“. Даниел Калајџиески нагласи дека „Нема да голтнам“ на еден метафоричен начин ни ја покажува состојбата и односот на власта кон ова суштинско право за сите жени во нашата земја.

„Во процесот на донесување на законот министерот и другите политичари се обидоа да ги замајат граѓаните, а особено жените. Се велеше дека овој закон се донесува за да се заштитат правата на жените. Но, дали тоа е навистина така?Дали питата која што министерот им ја понуди на жените во Македонија беше слатка и вкусна или е расипана? Ова видео го поставува прашањето до сите жени, дали се подготвени да го голтнат овој факт?Дали ќе го прифатат сето она што ќе се понуди макар тоа било штетно и ги ограничува правата. Пред да ја пробате питата распрашајте се што навистина има внатре“, порача Калајџиески.

Иницијативата „Мое тело- Мој избор!“ е поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија.