Основана фондација за балетани до 12 години што ќе помага на таленти и ќе се спротивстави на стереотипите

Интернационалното балетско училиште Булфрогс ја проширува својата идеја за издигнување на балетската и театарската култура така што од неодамна основаше Фондација за момчиња. Нејзина цел е да обезбеди финансиска помош и потребна опрема за балетските таленти до 12 години.

Идејата за Фондацијата, како што информираат од балетското школо потекнува уште од 2014 година.

„ Преку кршење на стереотипите кај младите дека балетот е танц само за девојки, идејата зад Фондацијата е да ги охрабри и поддржи младите момчиња кои ја сакаат балетската уметност да започнат со балетско образование и да развиваат балетска кариера“, велат од Булфрогс.

Фондацијата за момчиња ќе обезбедува финансиска помош за балетско образование на момчиња преку доделување целосни стипендии како и соодветна балетска опрема за часовите.

„ Постојат два клучни податоци кои не инспирираа да започнеме со проектот Фондација за Момчиња. Прво, земајќи го предвид фактот дека бројот на момчиња во основното и средното балетско образование кои би се определиле за балетска кариера во Македонија е значително помал од бројот на девојки.

Дополнително, момчињата- почетници се често обесхрабрени да се приклучат на балетски часови каде групите се составени претежно од девојки“, забележуваат одговорните во балетското школо.

Токму поради ова, тие сметаат дека концептот на Фондацијата за момчиња ќе понуди решение за овие два проблеми, обезбедувајќи бесплатно балетско школување.

Програмата е направена според високи Европски и светски балетски стандарди, а наменет за балетски почетници. Часовите за момчиња ќе бидат под раководство на истакнатиот балетски солист и дипломиран балетски педагог – Игор Веланоски. Дополнително, со момчињата ќе работи и педагогот од балетското школо, кој е задолжен за часови за флексибилност и растегнување.

Групата ќе биде составена од максимум 10 ученици, за да може секој од нив да добие подеднакво внимание од педагогот. Предвидени се два часа во неделата, четири недели во месецот.

Согласно со начелата за работа на училиштето Булфрогс Балет, се очекува момчињата кои се дел од оваа програма активно да учествуваат во сите балетски продукции на училиштето.

„ Основањето на Фондацијата за момчиња има три цели: создадавање платформа која ги обезбеди сите услови за мотивирани млади момчиња да започнат да посетуваат балетски часови, зголемување на бројот на момчиња кои ќе го започнат своето балетско образование и развивање на свеста кај младите во Македонија дека балетот не е „женски“ танц“, нагласуваат од Фондацијата.

Инаку, балетското училиште Булфрогс е основано во 2009 година од Александра Никифоровски, а денес брои над 120 ученици. Тие секоја година продуцираат најмалку една нова балетска претстава, а со разни работилници и настани, но и преку соработката со Домот за деца без родители „11 Октомври“ од Скопје, придонесуваат кон создавање на нова генерација на млади креативци.