Основан Локален младински совет во Делчево

По повеќемесечни обуки, настани и подготовки, во општина Делчево се основа Локален младински совет. Основачкото собрание беше одржано на 28.01.2015, со продолжение на 01.02.2015 на кое што членовите на Собранието ја изгласаа структурата на Локалниот младински совет, а го усвоија и Статутот по кој што ќе работи младинското тело.

Ова тело ќе ги застапува интересите на младите во општината и ќе креира младински политики. Во составот на Локалниот младински совет влегоа претставници од граѓански организации, подмладоци на политички партии, средношколски заедници како и претставници од културни и спортски друштва.

Иницијативата за формирање на младински совет е дел од проектот „Развој на локални младински политики и локално младинско учество во 12 општини“на Младински образовен форум во партнерство со Центарот за меѓукултурен дијалог, во соработка со Регоналниот центар за застапвање -Делчево, а финансиран од Европската унија.

Оваа иницијатива доби и поддршка и градоначалникот на Општина Делчево, Дарко Шехтански. На Основачкото собрание беа присутни девет претставници од организации – членки кое го сочинуваа Собранието на Локалниот младински совет:

Регионален центар за Застапување – Делчево, претставник Димитар Димитровски – Претседател на ЛМСД
РКЕЦ Тернипе МК Делчево – претставник Филип Тричков – член на Управен одбор на ЛМСД
УМС на ВМРО-ДПМНЕ Делчево – претставник Љупчо Христов – Претседател на Собрание на ЛМСД
Демократска Младина Делчево – претставник Душка Мицевска – член и подпретседател на УО на ЛМСД
КУД Гоце Делчево – претставник Наталија Стојчевска – член и Претседател на Управен Одбор на ЛМСД
ПСД Голак – претставик Дарко Тодоровски – Член на Управен одбор на ЛМСД
Ученичка заедница при СОУ Методи Митевски – Брицо, Делчево – претставник Мери Мицевска, член на Надзорен одбор
Младински образовен форум – претставник Андреа Велиновска – член на Управен одбор на ЛМСД
НУЦК Никола Јонков Вапцаров, Делчево – претставник Љупка Спасевска, член и Претседател на Комисија за верификација
СДММ Делчево– претставник Марио Димитровски – член на Надзорен одбор на ЛМСД

По прогласувањетона Локален младински совет во Делчево за основан, координаторот, Валерија Соколова заедно со Претседателот на Собранието, Љупчо Христов го поздравија Собранието и го честитаа основањето на младинското тело, со цел успешна работа на Локалниот младински совет и многу идни реализирани проекти и настани во интерес на младите во општината, како и успешна соработка помеѓу организациите – членки на советот.

Претседателот на Локалниот младински совет, Димитар Димитровски ја поздрави веќе спроведената и остварена иницијатива за формирање на Локален младински совет во општина Делчево и посака успешна соработка и видни резултати од работата на Советот и упати кон интензивно залагање и застапување на интересите на младите во општината.

Тони Стоименовски, претставник од Општина Делчево ја поздрави иницијативата и ги охрабри присутните да ги изберат органите на Локалниот младински совет на најдемократски начини  и по формирањето на советот, со активности да придонесат во подобрување на условите на младите во општината, и дека Локалниот младински совет има потплна подршка од општината.

Проектот „Развој на локални младински политики и локално младинско учество во 12 општини“ е насочен кон младите луѓе, младинските организации и сите форми на младинско здружување и локалната самоуправа. Главната цел на проектот е да се зајакнат капацитетите на младинското здружување на локално ниво, нивно формално препознавање од страна на општините, како и заедничка работа за унапредување на младинските политики на локално ниво, преку развој на младински активизам, младинска работа и младинско учество во процесите на донесување на одлуки. Проектот вклучува соработка со локалните самоуправи, локални акции и јавен процес на основање Локални младински совети, со поддршка од локалната самоуправа во 12 општини, а е финансиран од Европска Унија (ИПА програма – Civil Society Facility).