Осмото издание на „Панфиз“ од 3 до 7 октомври

Осмото издание на Интернационалниот Фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз 2015“ ќе се одржи од 3 до 7 октомври. Претставите ќе се играат во Театар Комедија, Драмски театар и на малата сцена на Македонската опера и балет.

На Фестивалот ќе бидат изведени три претстави од областа на физичкиот театар и две претстави од областа на пантомимата.  На отворањето на Фестивалот, на 3 октомври, во Театарот Комедија ќе биде изведена претставата „Мажите се поинакви, а и жените исто така“ на артистот пантомимичар Дамир Дантес од Швајцарија, кој во 2010 година ја освои наградата на „Панфиз“.

Втората вечер на 4 октомври во Драмскиот театар ќе биде изведена претставата „Кешчевецсе“ на „Мovement studio“ од Романија. Првпат на Фестивалот гостува младиот артист од Бугарија, Јасен Попов чија претстава „Граници“ ќе биде изведена на 5 октомври во Драмскиот театар.

На 6 октомври на малата сцена на Македонската опера и балет ќе се одигра „SyNovial“ во која настапуваат Марек Зелинка и Мартин Талага од Чешка кои првпат ќе гостуваат на Фестивалот.

На затворањето на „Панфиз 2015“ на 7 октомври на малата сцена на МОБ ќе биде изведена претставата „Пиеса за двајца“ на Александрос Михаил театар од Грција. По изведбата на претставата ќе биде доделена и наградата на Фестивалот во висина од 300 евра.

Билетите се продаваат по цена од 100 денари. Фестивалот е финансиски поддржан од Министерството за култура.