Осмо издание на Меѓународната графичка работилница „Софија“

Започна осмото издание на меѓународната графичка работилница „Софија“, единствена од ваков тип во Македонија и на Балканот. Работилницата која традиционално се организира во Богданци, ќе трае до 3 септември и на неа учествуваат 12 уметници, графичари од Македонија и од странство, селектирани од државните ликовни академии во Скопје, Ниш, Нови Сад, Сараево и Софија.

Годинава ментор на работилницата ќе биде Рената Папишта, редовен професор на Академијата за ликовни уметности во Сараево.

Како што посочуваат организаторите од Здружението на граѓани „Графичка работилница „Софија“ Богданци“, целта на настанот е на младите и талентирани автори да им се овозможи размена на искуства и можност за реализација на нивните дела.

Завршната изложба ќе се одржи на 3 септември во галерискиот простор на Печатница „Софија“ во Богданци, а во текот на наредните месеци се предвидени изложби во повеќе градови низ Македонија.

Графичката работилница „Софија“ првпат се одржа во 2008 година. Досега низ неа продефилираа над 120 млади графичари од целиот регион.