Осмо издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“

Со претставата „Буре барут“, на режисерката Ана Батева, а во изведба на бугарскиот театар „Николај Бинев“ и „Арт продукција“ од Софија, на 18-ти април, во Театар Комедија, со почеток од 20 часот, ќе започнне осмото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“.

За разлика од изминатите години, осмото издание на „Лица без маски“, ќе се одржува на неколку сцени низ Скопје, меѓу кои Театар Комедија, Македонска опера и блает, Дом на АРМ и Малата сцена на Универзална сала.

Во официјалната натпреварувачка конкуренција, годинава се шест претстави, меѓу кои и независните македонски продукции „Семејни приказни“, на режисерот Ангелчо Илиевски, како и претставата „К“, на режисерката Хана Миленковска.

Оваа година повторно ќе учествуваат лауреатите од пред две години, театарската академија „Софија Амендолеа“ од Рим, Италија со најновата продукција насловена „Копилиња во умот“, во режија на Фабио Омодеи. Исто така, годинава фестивалот во програмата ја вклучи експрементална претстава „Ivet to tell something“, на театарот „Doo performing group“ од Рим, Италија, која ќе биде изведена во тоалетите на Македонска опера и балет.

Последната фестивалска вечер, на 21-ви ќе биде изведена магичната претстава „Машината Јан Бибијан“, во режија на Петар Пашов, помладиот, а во изведба на театарот „Атеље 313“ од Софија, Бугарија.

За фестивалските награди, Гранд при за најдобра претстава во целина, Наградата за најдобра режија и Наградата за најдобро актерско остварување, ќе одлучува тричлено жири.