Осмо издание на „100 илјади поети за промена“ во Струмица

Во кино салата на „Селект“ во Струмица, на 15 декември од 19 часот ќе се одржи осмото издание на меѓународната манифестација „100 Илјади поети за промена“, дел од истоименото глобално двужење, а организирана од здружението „Контекст – Струмица“.

Струмица повторно ќе биде домаќин на сите поети кои ќе изразат интерес да бидат дел од мисијата на самата манифестација. Глобалната манифестација „100 илјади поети за промена“ се оддржува во повеќе од 50 држави, меѓу кои е и Република Македонија.

„Еве ги повторно поетите, тие чувствителни деца на литературата. Еве ги и во оваа болна година, полна злоба и омраза на секој милиметар, на страдања на секој чекор, загледани напред и во себе. Еве ги тие вечни сонувачи со отворени очи, вџарени пред лудилото на светот, вџашени од прекројувањата на границите, новите редови бодликава жица и колоните бегалци кои го напуштаат домот.

Еве ги, стојат и се бранат со штит од стих. Ги бранат и оние што ги читаат и слушаат стихови, и оние кои не читаат и не слушаат, и оние што ја презираат уметноста на зборот. Ги бранат дури и оние што не умеат да читаат, а можеби најмногу ги бранат и штитат оние кои што никогаш не чуле за поезија.

Еве ја таа армија на избраници, толку осамени во својата емпатија, толку уверени дека таа може и треба да биде заразна“, стои во воведот „Штих по стих“ за настанот на Александра Јуруковска, новинар и книжевен критичар.