Осми Скопје постер фестивал од 30 ноември

Од 30 ноември до 5 декември ќе се одржи осмото издание на Скопје постер фестивал. Годинава гостуваат познати графички дизајнери од повеќе земји.

Во рамките на фестивалот ќе бидат одржани изложби на постери и предавања на неколку имиња од светската дизајн сцена.

На 30 ноември со почеток во 20:00 часот ќе биде отворена изложбата на постери од меѓународниот студентски конкурс на тема „Сите за луѓето со хендикеп“. Неа ќе ја придружуваат изложбата на дела од победниците од минатогодишниот конкурс, како и детски цртежи од септемвриската работилница  изработени под менторство на младиот дизајнер од Полска Јан Бајтлик.

Како дел од придружната програма, на 1 декември публиката ќе може да ги посети предавањата на членовите на жирито, кои ќе опфатат теми од културен карактер, социјален плакат, но и комерцијални проекти кои се дел од портфолијата на членовите на жирито, a исто така и презентација за тоа како се развиваат дизајн-проекти од идеја до реализација и презентација на тема „Руски дизајн“. Бројот на достапни места за презентациите е ограничен.