„Осмели се да научиш повеќе!“ – повик за учество во серија кратки обуки на актуелни теми од технологијата

Студентската организација EESTEC LC во Скопје и годинава организира Академија, но поради пандемијата со Ковид-19 ќе се одржи онлајн. Академијата претставува серија од кратки обуки на актуелни теми од техничката област.

Главна цел на настанот е да се овозможи на студентите, паралелно со нивните студии, да добијат дополнително знаење и вештини кои ќе им отворат нови перпсективи во нивниот понатамошен професионален развој.

Учеството на академијата е целосно бесплатно, а до крајот на годината ќе се одржат два модули.

„Ги охрабруваме сите студенти и заинтересирани за овие области да се пријават и да го прошират своето знаење! Осмели се да научиш повеќе!“, стои во повикот за учество.

Првиот модул ќе се одржи викендот на 28-ми и 29-ти ноември во соработка со Машински факултет Скопје (МФС). Темата на првиот модул ќе биде микроконтролерот Ардуино.

„Овој модул претставува одлична прилика да се научат основите на работата со светски познатиот микроконтролер, преку предавања на искусни професори од Машински факултет Скопје. Формата за пријавување е отворена и може да се најде на овој линк“, појаснуваат од организацијата.

Вториот модул на овогодинешното издание ќе ја опфати актуелната тема Енергија и одржлив развој. Модулот ќе се одржи во соработка со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), на средината на декември. Формата за пријавување ќе биде објавена наскоро.